Тензиите смирени, Борко Ристовски е дел од репрезентацијата

14.06.2012 11:32 | KumanovoNews

Голманот Борко Ристовски ќе биде дел од ракометната репрезентација на Македонија на реванш-мечот против Австрија од баражот за СП 2013, што во сабота ќе се игра во Виена.

Тензиите смирени, Борко Ристовски е дел од репрезентацијата

Недоразбирањата се делумно нерасчистени, а селекторот Звонко Шундовски ќе го поведе на пат за Австрија, затоа што е одлучено ракометниот национален тим во најдобар тим да се обиде да оствари пласман на мундијалот.

Борко Ристовски по само девет минути игра на првиот натпревар против Австрија што се играше во СЦ „Борис Трајковски“ самостојно реши да ја напушти играта, имаше конфликт во играта со Ацо Јоновски и со Велко Марковски, а на селекторот Звонко Шундовски му најави дека нема да брани до крајот на натпреварот, со гестикулации кои ги видоа сите гледачи во салата, но и пошироката македонска јавност преку ТВ екраните.

По ова се појавија шпекулации дека Борко Ристовски ќе биде казнет за својата реакција и дека нема да биде дел од експедицијата за Виена, но сепак, тензиите се смирени и македонската ракометна репрезентација во најсилен состав ќе замине на реваншот со Австрија. Со себе „црвено-жолтите“ ракометари носат багаж од пет гола предност (26-21) кои ќе треба да ги одбранат во вторите 60 минути во Виена.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk