12,5 години затвор за разбојништво врз судија

17.10.2018 17:00 | KumanovoNews

Орце Миленковски (40) од Куманово, во Основниот суд во Велес е осуден на 12,5 години затвор, за две кривични дела - разбојништво и тешка кражба.

12,5 години затвор за разбојништво врз судија

Неговиот соучесник и помошник во делото Бедрид Ковачи (49) од скопски Сарај, кој е во бегство и му се суди во отсуство, доби затворска казна од две години за тешка кражба, - пренесува порталот Тирековмирече.

Миленковски и Ковачи, на 2. јануари минатата година, во викендичка во селото Зубовце ги нападнале судијата во Кумановскиот суд З.С.(51) и неговиот сосед В.Д., при што ги врзале со кабел и ги ограбиле.

При тоа им одзеле 10.000 денари и мобилните телефони, телевизор, сателитски рисивер, ДВД , појачувач, музички миксети и други предмети, а ја земале и колата на судијата и побегнале.

Кратко потоа, напaднатите успејале да се ослободат, по што побарале мобилен телефон од соседите и пријавиле во полиција.

Осудените кога го сториле делото, биле во бегство од затворот Идризово, каде отслужувале казна.

Миленковски откако одлежал 8 години затвор за недозволено поседување огнено оружје и за кражба, бил прогласен за виновен за убиство во обид на двајца сопружници од Крива Паланка во февруари 2014 година, за што добил казна затвор од 15 години. Додека Ковачи за грабнување на бизнисмен од Кавадарци во април 2008 година добил 2,5 години затвор.

Судењето беше во Основен суд Велес, поради тоа што оштетениот е судија во Основен Суд Куманово. Обвинетиот Миленковски во судот во Велес во три наврати беше донесен со силно полициско обезбедување, а на првото рочиште предизвика и инцидент.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk