Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Бирсан Сејфула (21) од населба Средорек е осуден на 13 години затвор, затоа што во март годинава извршил разбојништво врз мигранти во близина на спортскиот аеродром Аџитепе.
Пресудата му е изречена во Основниот суд Куманово, а до правосилноста на пресудата Сејфула останува во затворот Шутка.
Неговите роднини утрово се собраа пред Основен суд Куманово за да го изразат својот револт. Татко му Исмет Шаиновски вели дека Сејфула е невин и дека во моментот кога се случило разбојништвото бил на Кејот на реката Кумановка. Тој додава дека син му боледува од епилепсија и здравствената состојба во затвор може дополнително да му се искомплицира.
Велат дека син ми во него имал пари. Не е точно, немаше пари ни за цигари. Од дома го земале алфите. Мислев дека ќе биде поблага пресудата, а ова е како да убил човек. Состојбата му е лоша во затворот. Никој не праша за ромските деца. Ќе се жалиме до Апелациониот суд, ќе одиме и понатаму, бидејќи не сме задоволни од пресудата. Имаме поддршка и од Хелсиншки комитет за човекови права. Дојден сум да ја алармирам јавноста, јас мислев дека ова ќе се заврши на друг начин - изјави Шаиновски.
Разбојништвото го извршиле четири лица кои ограбиле троица Авганистанци. И помалиот син на Шаиновски се товари за разбојништво, но бидејќи е малолетник тој е дома со засилен надзор од родител.
Шаиновски вели дека дополнително ќе организираат протест против судската пресуда.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk