500 ново заболени од дијабетес

27.05.2016 14:07 | KumanovoNews

Над 500 заболени од дијабетес се откриени за една година во акциите за бесплатно мерење на шеќер во крвта што ги организира Здружението на дијабетичари Куманово.

500 ново заболени од дијабетес

Бројот на дијабетичари во градот од 6500 се зголемил на 7000 пациенти, тврдат до здружението.

„Сите граѓани, посебно до оние што имаат родители дијабетичари, да не се срамат и да не се плашат, туку да го проверат нивото на шеќер во крвтта. Нашите акции се бесплатни. Се додека дијабетот не премине во болест не е страшно, но ако се остави, последиците и делувањето на дијабетот врз здравјето на луѓето има несогледливи и неизлечиви последици. По очите, срцето, имунитетот, циркулацијата, речиси на се, - изјави Стефан Јовановски, претседател на Здружението на дијабетичари.

Тој се пожали дека одговорните за превенција и лекување на дијабетесот остануваат глуви на нивните апели за решавање на проблемот со снабдување со инсулинска терапија.

„Ќе напоменам дека последните три тендери што се распишани на ниво на државата, за набавка на инсулинска терапија, се со намален квантитет и квалитет, што е за мене трагично. Не смее да се дозволи таков третман. Јас разбирам дека државата ни е во криза, но мислам дека навремено и правилно третирање на шеќерот многу поевтино ќе ја чини државата, ако ги спречиме евентуалтни последици од делувањето на дијабетот“- додава Јовановски.

Како клучна причина, покрај генетските предиспозиции, за појава на дијабетес се наведува стресот и нездравиот начин на живот. Здружението на дијабетичари денеска одржа акција за бесплатно мерење на шеќерот во крвта во „Тоде Мендол“.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk