Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Денеска во селото Жегљане се одбележа 74 годишнината од формирањето на Третата македонска ударна бригада.
Трета МУБ е формирана во селото Жегљане, на 26 февруари 1944 година од баталјонот „Стив Наумов“ и кумановските баталјони „Јордан Николов - Орце“ и „Христијан Тодоровски - Карпош“.
Во својот борбен пат бригадата го разбила Вардарскиот четнички корпус од околу 800 четници во нападите кај село Сејац (29 февруари) и Ново Село (3 март), водела успешни борби кај Билјача, Буштрање, Свињиште и Ристовац (23 март). Ги уништила рудничките постројки во Добрево и Пробиштип (3 април), а при нападот на Кратово заробила 120 бугарски војници.
Во времето на Пролетната офанзива (25 април - 20 јуни) во содејство со други народноослободителни единици водела успешни борби во Македонија и Поморавјето со напад на Кратово, борби кај Побиен Камен, Црноок, Станикин Крст , Знеполе, Лисец, Косматица, Голак, Костурино, Кушкули, планината Круша, Пониква, Чупино Брдо и Петрова Гора.
Нарасната со прилив на нови борци, од дел на нејзините и дел на борците на Втората македонска бригада, била формирана Четвртата македонска бригада на планината Лисец, 24 јули 1944 година.
Потоа продолжила со успешни напади и диверзии по должината на патот Куманово-Крива Палана, со ноќен напад против бугарските сили во селата Страцин, Младо Нагоричане и Клечовце, нанесувајќи им загуби од околу 50 убиени, ранети и заробени војници и рушејќи два моста на реките Пчиња и Петрошница (24 јули), извршила напад на железничката станица во Табановце (28 јули) и неколку диверзии на истата железничка пруга (30 јули), а потоа имала значајна улога во обезбедувањето на работата на Првото заседание на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ (2 август).
По заседанието, кај Голема Глава го разбила бугарскиот полициски одред од 120 полицајци (ноќта меѓу 9 и 10 август), заедно со Кумановскиот одред пак извршила напад на железничката станица во Ристовац и Табановце (ноќта меѓу 12/13 август), во содејство со Осмата прешевска бригада го нападнала рудникот Лојане (ноќта меѓу 23/24 август), при што биле заробени 28 бугарски војници, го организирала ослободувањето и прифатот на околу 300 политички затвореници од скопскиот затвор Идризово (29 август), вршела постојани напади на железничката пруга Велес-Скопје.
На прославата се обрати Радован Илиќ од Сојузот на борци и Зора Јовановска. Цвеќе положија делегации од: Сојузот на борците, градоначалниците на Куманово и Старо Нагоричане, претставници на АРМ и граѓани.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk