92 семејства добиле по 20.000 денари за набавка на клима уреди

14.03.2025 10:37 | KumanovoNews

Вкупно 92 семејства од Куманово оствариле право на субвении за клима уреди, преку мерката којашто ја спроведува Општина Куманово. Секој од апликантите ќе добие по 20.000 денари. 

92 семејства добиле по 20.000 денари за набавка на клима уреди

Советниците од опозицијата на вчерашната седница имаа забелешки за начинот на кој се спроведуваше мерката, бидејќи освен критериумот прв дојден прв услужен, други критериуми речиси и немаше.

„Во овој повик не се бараше доказ за материјална состојба, сметам дека не е доволен „прв дојден, прв услужен“. Мислам дека треба да има некој заштитен механизам за субвенцијата за набавка на клима уреди да ја добијат помалку имотните. Мислам дека не е во ред луѓе со високи приходи, со повеќе вработени  во семејството да имаат предност само затоа што ќе бидат побрзи, додека некои со помали приходи кои успеале да соберат малку средства да извисат, затоа штои нема да стигнат на време“, кажа советничката Атина Мургашанска од СДСМ. 

Одговорот на надлежните беше дека субвенцијата е од Програмата за заштита на животната средина и чист воздух, и дека не се работи за социјална мерка- програми кои ги спроведува друг сектор, па затоа овој критериум не бил земен за релевантен. Беше кажано и дека  кои аплицирале добиле средства, немало одбиени граѓани.  

Првично беше кажано дека субвенции ќе добијат 100 семејства.

„Изгласаните средства од 2 милиони денари се доволни за само 90 субвенции, а право остварија 92 апликанти. Причината е персоналниот данок кој мора да се плати, па затоа бараме уште 44.000 денари за сите кои аплицирале да го остварат тоа право“, образложи Лидија Ланг Спасовска, раководителка на Сектор за комунални работи.

Дел од советниците предложија мерката да продолжи, но со строго утврдени критериуми.

Граѓаните, пак, бараат имињата на добитниците да бидат објавени за да се види кој добил субвенции. Оваа пракса е присутна во сите министерства кои обезбедуваат помош на граѓаните.   

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk