Аце и Мартина се запознаа со Кајмаковски

07.06.2016 12:42 | KumanovoNews

Повеќе од два часа Даниел се дружеше со децата и нивните другарчиња, пееше, играше и им раскажуваше за големото шоу,  а на крај се бркаше со нив во дворот и го возеше нивниот мал велосипед

Аце и Мартина се запознаа со Кајмаковски

 Даниел Кајмакоски, денеска го посети семејството Додевски во кумановската населба „Иго Тричковиќ“, на кое ја донираше наградата од 25 000 евра, што ја освои во шоуто “Твоето лице звучи познато„. Со голема радост, двете болни дечиња, Александар и Мартина го пречекаа во дворот и веднаш се фрлија во неговата прегратка, а тој им посака побрзо оздравување и им подари корпа со чоколади и слатки.

„Ако некогаш дојдете во ситуација да морате да одберете на кого да му помогнете, тогаш ќе сватите дека мора срцето да одлучи, тоа што ми го кажуваше срцето тоа го направив без размислување. Јас се информирав каде е потребна финсиска подршка и кога прочитав за ова семејство знаев на кого ќе ги донирам парите. Сметам дека донацијата отиде на право место, овие две дечиња заслужуваат шанса.Тие се прекрасни и јас сум пресреќен што имав прилика да ги запознаам“, - рече Даниел.

Тој ги повика сите Македонци и сите добронамерни луѓе да се приклучат во акцијата и да ја покажат својата хуманост, бидејќи само заедно сме многу посилни.

„Со нетрпение чекавме да се запознаеме со Даниел и голема благодарност до него што избра парите да ги донира за моите дечиња.  Јас како мајка сакам децата да се излекуваат и да бидат среќни како останатите деца. Многу му благодарам што ни даде поттик да се бориме понатаму“, - вели Јасмина.

 Даниел повеќе од два часа се дружеше со децата и нивните другарчиња, пееше, играше и им раскажуваше како се чувствувал во фустан и во високи потпетици на сцената на големото шоу,  а на крај играше брканици со нив и го возеше нивниот мал велосипед. Бидејќи едвај го пуштија да замине им вети дека пак ќе дојде, кога ќе ја донесе наградата од продукцијата.

На Александар (7) и Мартина (10), неопходна им е трансплантација на црниот дроб во странство. За операцијата се потребни над 100.000 евра. Направени се сите потребни испитувања и се чека согласност од болница во Турција. Потоа Фондот за здравство ќе одлучи колку од трошоците ќе покрие.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk