Адил и Силви бенд ѕвезди на годинешниов „Рома Труба Фест“ во Куманово

18.07.2023 11:24 | Оливера Пешевска

 На Градскиот плоштад во Куманово во четврток и петок /20 и 21 јули/ ќе се одржи Фестивалот  „Рома труба фест 2023“.

Адил и Силви бенд ѕвезди на годинешниов „Рома Труба Фест“ во Куманово

По 18-пат  фестивалот го организира Ансаблот на народни ромски игри и песни „Рушит Шакир“ од Куманово.

Оваа година специјални гости ќе бидат српската фолк ѕвезда Адил Максутовиќ и Силви бенд.

 „Адил ќе биде гост на првата фестивалска вечер на "Рома труба фест" и како голема ѕвезда веруваме дека ќе привлече бројна публика. Затоа ги поканувам сите кумановци заедно да уживаме во звуците на лимено - дувачките инструменти и извонредниот вокал на Адил што заедно ветува незаборавна забава“, изјави Самет Салиевски, директор на Фестивалот.

На фестивалот ќе настапат девет оркестри, групи и изведувачи од Скопје, Штип, Берово и Виница, гости од Србија и Бугарија.

На првата фестивалска вечер закажан е настапот на оркестрите „Пиротски трубачи“ и „Сложни браќа“ од Пирот, Србија, Исидор Зечировиќ од Бојник, Србија и оркестарот „Бертан“ од Штип.

Втората вечер ќе настапат „Силви бенд“ од Скопје, оркестарот на Демир Кантуровски од Берово, оркестарот на Кристијан Азировиќ од Србија,„Браз Бенд Ромален“ од Бугарија и оркестарот „Браз Фантази Левис“ од Виница.

Концертите започнуваат во 20.30 часот.

Фестивалот се одржува под покровителство на Министерството за култура и Општина Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk