Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Агенцијата за храна и ветеринарство треба да даде дозвола да се пушти водата за пиење во градскиот водовод во Куманово, откако ќе пристигнат сите резултати од анализите кои беа направени во изминатите 4 дена.
Вториот последователен тест за квалитетот на водата од дистрибутивната мрежа на ЈП „Водовод“ Куманово е негативен, односно резултатите покажуваат хемиски и микробиолошки исправни примероци.
„Останува уште да се добијат резултатите од примероците земени на 27 мај, и тоа микробиолошките, за кои се чека најмалку 48 часа. Хемискиот состав на водата е со одличен квалитет“, истакнува докторката Блерта Шахини Азизи, од Центарот за јавно здравје Куманово.
Протоколот, во вакви ситуации предвидува три последователни тестови, во три дена кои ќе ја потврдат исправноста на водата за пиење. За издавање на решение за користење е задолжена Агенцијата за храна и ветеринарство. Иако вообичаено се земаат по 4 примероци од различни локации во градот, во случајов секојдневно се тестираат по 10 за екстра сигурност на граѓаните.
Според тоа како до сега се одвивала процедурата одговорните сметаат дека од утре, среда, целосно ќе се нормализира водоснабдувањето во градот, а дека квалитетот на водата ќе биде на ниво за општа употреба.
„Се надеваме дека резултатите на ЦЈЗ ќе излезат порано, дека АХВ ќе издаде решение дека водата може да се пие, по што конечна одлука ќе донесе градоначалникот, како претседател на Општинскиот штаб за заштита и спасување што веќе е про-форма. Откако експертите ќе потпишат дека имаме вода со вообичаен квалитет за употреба ќе ги известиме граѓаните. И ние со нетрпение очекуваме“, вели директорот Оливер Стојмановски.
Водата од градскиот водовод во Куманово веќе една недела се користи како „техничка“ по минатонеделните интензивни врнежи во липковскиот регион. Поради тоа се уште не се меша со алтернативниот извор „Митев мост“, која за овие недела дена може да се користи неограничено.
Ако во среда се добие дозвола за користење на водата од акумулациите водоснабдувањето ќе се нормализира во сите делови од градот.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk