Амбасадорот на Франција во посета на Куманово

26.10.2016 13:01 | KumanovoNews

Амбасадорот на Република Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, денеска престојуваше во посета на Куманово.

Амбасадорот на Франција во посета на Куманово

На средбата со градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, присуствуваа и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски и за евроинтеграции Арбр Адеми. Домаќинот Дамјановски не го криеше своето задоволство од посетата на високите гости.

„Морам да кажам дека никогаш до сега ваков состав не бил во посета на мојот кабинет. Сакам да истакнам дека се работи за протоколарна посета на новиот амбасадор и неговата тенденција да излезе од Скопје и да ги запознае спецификите на другите градови. Куманово е еден од позначајните опозициски градови и воедно најголема локалана самоуправа, а двата министра се од овој град и регион. Куманово денеска е центар на голема политичка моќ, тука се најзначајните министри и амбасадор на една од позначајните земји, - рече Дамјановски.

На средбата било разговарано за децентрализацијата, економскиот развој на локалната заедница, изборниот процес и за други актуелни теми.   

„Лидерите на четирите политички партии презедоа смел чекор потпишувајќи ги договорите од Пржино кои создаваат услови за реализирање на избори на 11 декември. Многу е важно изборите да се одржат во најдобри услови. Од изборите очекуваме резултати кои ќе и овозможат на Македонија повторно да чекори по патот кон Европската унија, - изјави амбасадорот.

Министерот Спасовски смета дека во наредниот период мора да се посвети поголемо внимение и да се работи на развојот на регионот, кој е најнеразвиен во државата.

„Државата треба да посвети максимално внимание на граѓаните на Куманово, на развојот, на овозможување на повеќе работа за младите луѓе, да не ни заминуваат луѓето надвор од градот што е тенденција и во целата држава. Од тој аспект сметам дека имаат и политичка волја и желба на сите овде присутни навистина да помогнеме – изјави Спасовски.

Министерот Адеми излезот од политичката криза ја гледа во демократски избори и членство во ЕУ .


Во рамки на посетата амбасадорот Тимоние се сретна и со професори и ученици од билингвалните паралелеки на македонски и француски јазик од Гимназијата „Гоце Делчев“.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk