Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Нова амбуланта за мигранти и за гинекологија и акушерство доби Општата болница во Куманово, со пари од Банката на Советот на Европа, Меѓународната организација за мигранти и Министерството за здравство.
Инвестицијата е вредна околу 100.000 евра и е дел од проектот вреден пола милион евра за подршка и помош на здравствените институции во подрачјата каде престојуваат мигранти.
„Досега во болницата во Куманово има дадено над 470 здравствени услуги на мигрантите од различен карактер имаме 4 породувања 6 други се препратени за Скопје, лица кои што се тртеирани и подолго кои што во моментов се тука исто така. Здравствените власти целосно одговорија на предизвикот на мигрантската криза и со целиот свој капацитет се вклучија во справувањето. Наша обврска како држава е да помогнеме и да пружиме хуман третман“, - изјави министерот за здравство Никола Тодоров во Куманово.
Проектот опфаќа реновирање на дел од болниците на Гевгелија и Куманово, донација на медицински апарати, медицински мебел, амбулантско возило, реновирање на прифатниот центар на баратели на азил, опремување на транзитните центри, обука на граничната полиција, подршка на социјалните служби и др.
Соња Божиновска Петрушевска, шеф на меѓународна организација за миграција смета дека проектот има за цел да обезбеди ефикасна здравствена заштита на мигрантите, но во исто време и да придонесе за развој на локалните медицински капацитети во Гевгелија и Куманово, кои беа особено погодени со бегалската криза.
„Оваа подршка е обезбедена во состав на проект што е финансиран од Банката за развој при советот на Европа, односно од фондот за миграции и бегалци, а имплементиран од Меѓународната организација за миграции. Имплементацијата на проектот започна во декемви 2015 година, и сега сме во завршна фаза на проектните активности„, - вели Божиновска Петрушевска.
Во новата гинеколошко-акушерската амбуланта за првпат ќе почне да се применува методата колпоскопија, скрининг тестови и псхиофизичка подготовка на бремените жени за породување.
„Ова ќе значи многу за нашите граѓани, кои ќе имаат пристап до квалитетни здравствени услуги и пациентите нема да одат во Скопје да трошат средства и време, туку тие услуги ќе можат да ги реализираат во нашата болница. Ја користам приликата да им се заблагодарам на донаторите за големата помош што ја дадоа за нашата болница – изјави Ариф Љатифи, директор на Општа Болница Куманово.
Досега бремените жени и пациентките од североисточниот регион за истите прегледи во Скопје чекаат со месеци на термин.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk