Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Започна реализација на проектот „Засади живот-за нов живот“, со која Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“, на секое семејство кое ќе добие новороденче му доделува садница, заради озеленување на градот.
Градоначалникот Максим Димитриевски првата садница ја однесе во семејството Младеновски.
„Денеска сме во семејството на нашата мала сограѓанка Ања да ја врачиме првата садница. Се надеваме дека нејзините родители ќе ја засадат и ќе ја негуваат исто како и Ања. На овој начин секое семејство во општината ќе даде свој допринос за озеленување и прочистување на воздухот. Општина Куманово смета дека со оваа акција на годишно ниво ќе успее да го озелени градот за повеќе од 1300 садници“, - изјави Димитриевски.
Тој потсети дека општината и досега спроведувала акции за пошумување, но несовесни и неодговорни граѓани постојано ги уништуваат, а дел од садниците се сушат и поради нередовно полевање. Во последните два месеци засадени се 500 садници во парковите и зелените површини, покрај булеварите и улиците во централното градско подрачје, но прашање е колку ќе опстанат.
Проектот „Засади живот-за нов живот“ започна за првпат оваа година, и предвидува во првите 30 дена од раѓањето на секое бебе семејството на домашна адреса да добие садница, којашто родителите ќе имаат обврска да ја засадат на нивен имот или на јавна површина во Општина Куманово.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk