Ансамбли од Мексико, Полска, Србија, Бугарија... гости на Mеѓународниот фолклорен фестивал во Куманово

16.07.2022 13:05 | Сузана Николиќ

Куманово ќе биде домаќин на фолклористи од Јужна Америка, Европа, регионот и од земјава, на третиот Меѓународен фолклорен фестивал, кој ќе се оддржи од вторник до четврток пред Центарот за култура во Куманово.

Ансамбли од Мексико, Полска, Србија, Бугарија... гости на Mеѓународниот фолклорен фестивал во Куманово

Фестивалот ќе има три вечери, а ќе настапат вкупно 10 ансамбли од земјава и странство.  Пред кумановската публика ќе се претстават гости од: Мексико, Полска, Србија и Бугарија, како и ансамбли од Скопје, Кратово и Куманово.

„Оваа година имаме квалитетен избор на гости, кои ќе понудат разноврсна програма за сите вкусови и за сите генерации. Затоа ги повикувам сите граѓани кои го сакаат фолклорот да одвојат време и да побегнат од секојдневните обврски, да дојдат и да уживаат во богатата програма“, изјави Мирoслав Крстевски, претседател на организацискиот одбор на фестивалот.

Фестивалот ќе започне во вторник во 18 часот со дефиле низ градските улици, а свеченото отворање е во 19.30 часот на платото пред Центарот за култура во Куманово. 

Фестивалот ќе отворат домаќините, играорците од КУД „Панче Пешев“ од Куманово, а потоа следуваат настапите на: Ансамбл „Словјанки“ од Краков, Полска, Студио „Блажевски“ од Скопје, Ансамбл „Варна“ од Бугарија,  КУД „Иво Лола Рибар“, Белград, Србија и првата вечер ќе ја затвори Фолклорниот ансамбл „Алијанса“ од Мексико.

Во среда на 20 јули, екслкузивен настап ќе имаат учесниците: КУД „Бајрам Шабани“ од Куманово, Ансамбл „Варна“, Фолклорно студио „Етнос“ од Скопје, Ансамбл „Словјанки“,  Фолклорниот ансамбл „Алијанса“ и  КУД „Иво Лола Рибар“.

Фестивалот ќе го затворат КУД „Гоце Марковски“ од Долно Лисиче, КУД „Ефрем Каранов“ од Кратово,  Фолклорниот ансамбл „Алијанса“, КУД „Иво Лола Рибар“ ,  Ансамблот „Словјанки“ и Ансамбл „Варна“.

Концертите почнуваат во 19.30 часот.

Фестивалот трета година по ред го организира КУД „Панче Пешев“ и МКЦ „Козјак“ од Куманово, со поддршка на Општина Куманово и Министерството за култура. На фестивалот е најавено присуството на министерката за култура, а поканети се и премиерот, претседателот, министри, пратеници и амбасадори на земјите учесници.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk