Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
За 8.7 милиони денари или 141.400 евра е продаден бакарот кој беше изваден од покривот на Спортската сала во Куманово. Според информацијата од Општина Куманово продадени се 17,364 тони бакар, по реална цена во моментот на продажбата, а тоа е април 2022 година.
Добиените средства се искористени во програмата за инфраструктурни развојни проекти во минатата година.
„Средствата од продажба на бакар се пренесени во буџетот на општина Куманово за 2023 година, вградени се и планирани во развојната програма на Општината за 2023 година, за изградба на инфраструктура во град Куманово“, стои во одговорот добиен од општинските служби, на прашањето на Кумановоњуз.
Бакарните плочи биле продадени на електронско јавно наддавање и како најповолен понудувач со постигната највисока цена е Заштитно друштво за собирање и примарна преработка на отпадоци “ОТПАД“ ДОЕЛ Охрид.
„Постапката за отуѓување е спроведена преку комисија формирана од страна на градоначалникот Максим Димитривски, по пат на електронско јавно наддавање на кое учествувале четири понудувачи. Почетната цена била поставена на речиси 7 милиони денари, но фирмата од Охрид понудила највисока цена од 8,7 милиони денари, која претставува и продажна цена“, велат од Општина Куманово.
За реконструкција и внатрешно уредување на Спортската сала во Куманово, од почетокот на реконструкцијата во 2021 година досега се потршени околу 1 милион евра државни и општински пари, а потребни се уште толку за да таа биде целосно завршена.
Надлежните најавуваат дека во 2024 година ќе заврши реконструкцијата и реновирањето, интервенции кои се спроведуваат 2,5 години.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk