Базенот и зградата за парастоси под хипотека за да се одблокира сметката на „Чистота“

06.04.2017 07:14 | KumanovoNews

Зградата на затворениот базен и зградата за парастоси на Градските гробишта во Куманово ќе се стават под хипотека, за да може Управата за јавни приходи (УЈП) да ја одблокира сметката на ЈП „Чистота и зеленило“, поради долг од 64 милиони денари, стар 15 години.

Базенот и зградата за парастоси под хипотека за да се одблокира сметката на „Чистота“

Оваа одлука вчера ја донесоа советниците во Советот на Општината Куманово, откако менаџерскиот тим најави дека поради финасиски проблеми ќе биде доведенo во прашање работењето на претпријатието и изнесувањето на сметот од градот.

„Ова е еден дел од решението, кое не е најсреќно, но единствено можно во овој момент се додека не се докаже дека УЈП не е во право, во интерес на вработените и на граѓаните за да не ни се случи еколошка катастрофа како во 2007 година. Во моментов само ако ставиме имот под залог УЈП да си ги обезбеди средствата ќе ни ја одблокира сметката за да можеме да земем плата и да функционираме нормално. Се работи за долг од 64 милиони денари кој треба да се исплати на 36 рати, што ќе значи по 2 милиони денари месечно што е дополнително оптоварување на јавното претпријатие. Но се надевам дека во краток период ќе добиеме судска разрешница и ќе се тргне неправдата која десетина години ја имаме со УЈП, - изјави директорот Сашо Петрушевски.

Предлог-одлуката за залог ја подржаа само советниците од владеачкото мнозинство на коалицијата на СДСМ, ДУИ, ДПА и НДП, додека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата и не сакаше да гласа. Тие предходно побара седницата да се одложи за денеска, за да можат да ја разгледаат точката, но предлогот беше одбиен, бидејќи се работело за итност.

„Не ставаат пред свршен чин, на самата седница ни доставуваат матерјали и сакаат да гласаме, да го дадеме имотот на граѓаните како залог за некој неисплатен долг на јавно претпријатие. Ние како советничка група не се чувствуваме компетентни и не сме добиле мандат од граѓаните да го даваме нивниот имот под залог. Затоа не сакаме да учествуваме во одлуката за задолжување на имотот, - изјави координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Петковски.

Петрушевски се обиде да ги разубеди и да објасни дека УЈП веќе издало решение за присилна наплата на движен и недвижен имот на претпријатието, а со одобрување на хипотеката и отплаќање на долгот може само да се спаси залогот.

Поради блокираната сметка, пред три дена штрајкуваа вработените кои го изнесуваа сметот, поради тоа што не им се исплатени две плати и здравствено осигурување. Директорот најави дека доколку проблемот не се реши до понеделник сите вработени ќе излезат на протест пред УЈП и државните институции, а подршка им даде и градоначалникот на Куманово.

Долгот на „Чистота и зеленило“ настанал од 2001 до 2006 година по основ на фактурирано, а ненаплатено ДДВ, поради кризната состојба во државата. Во 2010 година претпријатието потпишало договор за репрограмирање на долгот од 2013 до 2023 година, а започнале и судска постапка. Пред еден месец од УЈП го раскинале договорот за одложено плаќање, а на основниот долг пресметале камати.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштиа седницата и не сакаа да гласаат за предлогот за залог на имот

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk