Беспомошни старци завеани во Петровце

16.02.2012 13:43 | KumanovoNews

Семејствата апелираат до надлежните  служби  да се расчисти патот,  бидејќи е доведен во прашање животот на нивните родители.

Беспомошни старци завеани во Петровце

Шест стари лица од маалото Петровце, кое е дел од селото Сушево повеќе од еден месец се одсечени од светот поради големите наноси на снег по патот.  Нивните деца неможат да заминат да ги видат затоа што патот е непрооден и бараат од надлежните  служби во локалната самоуправа да испрати механизација да се расчисти снегот,  бидејќи е доведено во прашање животот на нивните родители.

Во селото живеат наши родители постари од 80 години. Имаат сериозни здравствени проблеми, а ние не можеме да им помогнеме. Едно време ни се јавуваа, ама сега им се испразниле телефоните и неможеме да ги слушнеме. Не знаеме што се случува со нив, ниту можеме да отидеме од снегот.На одредени места на патот има наноси од 3 метра - велат Власто и Моме Алексиќ. 

Тие побарале Општината да го исчисти патот во должина од 2 километри до нивните куќи, но добиле негативен одговор.

Ние го очистивме локалниот пат до центарот на селото Сушево, а не чистиме низ маали и селски патчиња кои се тесни, бидејќи машината не може да влезе- вели Момчило Јовановски, од секторот за урбанизам.

Жителите на Петровце отфрлаат дека патот е тесен и сметаат дека  надлежните им водат инат, но бараат под итно да им помогнат на беспомошните старци додека не е доцна. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk