Без јавен превоз остануваат најголемите населби и дел од селата во кумановско

01.02.2022 08:43 | Сузана Николиќ

За жителите на најголемите кумановски населби Зелен рид, Гоце Делчев, Карпош, Доброшане, Тромеѓа, Пуковко, Перо Чичо  и Железничка станица и денеска нема јавен превоз.

Без јавен превоз остануваат најголемите населби и дел од селата во кумановско

Тие ќе мора да почекаат да заврши жалбената постапка на второстепената комисија на Министерството за транспорт и врски, поради поднесените приговори на дел од превозниците на линиите: Зелен рид - Железничка станица , Доброшане - Бедиње,  Карпош - Железничка Станица и Тромеѓа - Бедиње, кои не се задоволни од одлуката на Комисијата за спроведување на постапката за избор на превозници за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово. 

Без градски превоз се и жителите на кумановските села Шупли Камен, Косматац, Новосељане, Мургаш, Четирцe, Сопот, Карабичане, граничен премин Табановце, бидејќи превозниците не покажале интерес да возат на тие линии, па ќе се распише нов тендер.

За линиите Куманово - Романовце и новата линија Бајрам Шабани - Бедиње, имало заинтересирани превозници, но не ги исполниле условите кои биле пропишани, па и тука ќе се повтори постапката. 

„Општината за линиите за коишто нема избрано понудувач, се работи за 5 линии за кои никој не аплицираше и за две линии за кои подносителот во понудата ги немаше комплетирано документите, веднаш по завршување на жалбената постапка на 26 јануари ќе распишеме нов оглас во кои ќе ги понудиме тие линии,  за да во нареден период да можат и тие да профункционираат“, кажа раководителката на секторот Лидија Ланг Спасовска, на седница на Совет.

Овие постапки можат да се завршат за кратко време, но можат да траат и со месеци. Доколку никој не се јави да вози на селските линии огласот ќе се повторува, додека некој не се пријави.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk