Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По повод Денот на независноста, по седмипат во Куманово се одржа показна вежба на службите кои се грижат за здравјето и безбедноста на граѓаните. Манифестацијата ја организира СВР Куманово, во соработка со Црвен крст, Итната медицинска помош и Територијалната противпожарна единица Куманово.
Началничката на Отсекот за превенција Виолета Богдановска, вели дека оваа година пораката е упатена на најмалите за нивно безбедно детство, а целта е да се изгради доверба дека тие можат да се обратат на локалните институции секогаш кога ќе имаат потреба од нивна помош.
„Пораката до младите е дека сите треба да дадеме свој допринос, бидејќи безбедноста како и се друго зависи од сите нас, не само од институциите, туку и од граѓаните, а младите се иднината на нашата држава и иднината на светот“, изјави Богдановска.
Таа додаде дека од оваа година во манифестацијата се вклучи и Општинскиот совет за превенција од детско престапништво, кој е формиран во 2019 година.
Претседателката на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска, ги поздрави присутните и го честиташе празникот, при што ја истакна важноста на овие институции, кои се први на борбената линија секогаш кога треба да се пружи помош на граѓаните и да се заштитат матерјалните добра во градот и државата.
„Овдека гледаме мини смотра на дел од опремата на институциите кои се грижат за редот, мирот и безбедноста, дел од промотивниот материјал, а членовите на Советот на Општина Куманово, вработените во Општината и другите институциите се учесници на многу акции со коишто се промовира безбедноста и се поттикнува свеста на граѓаните за одговорноста на сите сограѓани, а особено на најмалите“, рече Мургашанска во своето обраќање.
Таа додаде дека Советот на Општина Куманово го основаше Советот за превенција на детско претстапништво и е негов потикнувач и соработник. Тие се горди на најмалите кои се смислата и иднината на државата, а имаат таква свест и одговорност да се грижат за сопствената и безбедноста на своите другарчиња.
Членовите на општинската организација на Црвен Крст Куманово изведоа показна вежба за спасување на повреден во сообраќајна незгода, а имаше и пригодна уметничка програма подготвена од учениците.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk