Библиотеката на отворено во Куманово остана без книги затоа што граѓаните не ги враќаат

16.05.2019 09:06 | KumanovoNews

Не заживеа идејата „Little Free Library“ за слободна размена на книги во Куманово, која се реализира во повеќе од 80 земји во светот. Полиците на бесплатната библиотека пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ останаа празни, бидејќи граѓаните не ги вратија позајмените книги, ниту, пак, донираа свои.

Библиотеката на отворено во Куманово остана без книги затоа што граѓаните не ги враќаат

Библиотеката беше поставена пред три недели на најфрекфентнoто место во градот, а ја донираше затворот „Куманово“ . Под мотото „Земи, прочитај, врати“- граѓаните требаше бесплатно да земаат книги од библиотеката и да остават свои.

„Идејата ни е да направиме нешто корисно и несекојдневно за нашите сограѓани, да го привлечеме вниманието на љубителите на читањето и да поттикнеме размена на книги“, изјави тогаш директорот на затворот Марјан Спасовски.

Првите осумдесетина книги на македонски, албански и англиски јазик ги подарија Центарот за култура и Градската библиотека, кои граѓаните ги земаа во првите неколку дена и потоа не ги вратија.

Директорот на Центарот на култура „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски, очекуваше дека идејата ќе заживее, поради што, тогаш најави дека вакви библиотеки ќе се постават уште на неколку локации, како што е Градскиот кеј, плоштадот и во парковите.


Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk