Бислимската клисура и Козјачијата најпосетувани од планинарите и љубителите на природата

25.12.2020 10:31 | KumanovoNews

Бислимската клисура и планината Козјак сe најпосетуваните места од планинарите и љубителите на природата, откако започна коронакризата.

Бислимската клисура и Козјачијата најпосетувани од планинарите и љубителите на природата

Во време кога беше ограничен контактот со поголем број на луѓе, природата стана сигурно засолниште за многу кумановци.

За разлика од претходно кога почесто за планинарење се одлучувале помлади луѓе, во периодот кога била прогласена пандемијата, на планинарските патеки се` почесто можеле да се забележат цели семејства. Особено била посетена планината Козјак, манастирот Карпино, Пелинце, врвот Китка, врвот Перен,а посебно Длабочица, Бејловци и Малотино, планината Герман, селото П`клиште како и Бислимската клисура.

„Како започна пандемија со ковид-19, освен планинарите кои секогаш се ентузијасти за посети на планини, многу кумановци од градот и околината се свртеа кон природата. Овој пат за планинарење повеќе се одлучуваа фамилијарни луѓе, родители со своите деца. Најголем дел се упатуваа кон планината Козјак, водопадот Длабочица, но посетеноста беше огромна и на Бислимската клисура, односно Бислим“,- вели Мартин Величковски, од здружение „Спортско-планинарски клуб Козјак“, којшто веќе 25 години е планински водич, а 31 година дел од планинарскиот клуб.

За оние луѓе коишто сакаат да ги посетат овие места, од здружението апелираат да се држат до маркираните патеки, а доколку сакаат можат и да се обратат до планинарскиот дом каде што има водичи коишто можат да им дадат упатства, или пак да бидат дел од нивното планинарење.

Поради коронакризата, оваа година планинарските маршеви и акции треба да бројат најмногу 20 планинари, а растојанието помеѓу групите да биде од 100 до 200 метри. Во тек на одморите треба да се задржи дистанцата помеѓу групите, да не се користи ист прибор за јадење и пиење. Во тек на маршот и планинарењето не е задолжително да се носи маска, а во тек на одморите доколку може да се обезбеди растојание од 1,5 исто така не треба да се носи маска. Сите други правила ги диктираат организаторот и водичот.

(Ф.Марковска)


Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk