Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сојузот на борци Куманово денеска одржа свечена седница по повод 11 Октомври- Денот на народното востание.
Со едноминутно молчење им беше оддадена почит на паднатите борци во НОБ. Благе Јакимовски, секретар на Сојузот на борци Куманово кажа дека востанието кренато против фашистичкиот окупатор е особено важно за македонскиот народ.
Ние кумановци освен по мајтапот и по шегата што сме познати, секогаш сме бунтовни и со векови сме покажувале една доза на неприфаќање на ненародни режими. Тоа што црвеното Куманово го има на дело покажано. Во Прилеп на 11 октомври, излегуваат првите партизани, а во Куманово излегуваат на 12. Така е затоа што Димитар Алексиевски Пекар добива задача да појде во Скопје и да праша кога се излегува. Се враќа на 11 назад и кажува дека треба да се излезе, а веќе прилепчаните имаат излезено - изјави Јакимовски.
Борците излегле од Менкова колиба и Студена вода, односно Карадачкиот одред и Козјачкиот одред. Брзо одредите биле разбиени на 14 и 17 октомври затоа што биле предадени на бугарската војска и полиција, немале искуство и доволно оружје. На 26 јуни 1943 година од бавчата на Ангел Тодоровски, татко на Карпош и од бавчата на Денко Цеков излегло јадрото на вториот кумановски одред кој се обучувал во Јужноморавски одред и потоа се вратил да војува во Козјачие.
Борецот Спирко Зафировски пред присутните кажа дека овој ден го празнуваат како 74-ти роденден.
Иако нашите два одреда беа разбиени, тоа не значеше дека е загушено и народното востание во Македонија. Нашите другари што останаа живи, организатори продолжија интензивно да работат во прибирање на податоци, оружје, млади луѓе, па и постари за отпочнување на борба против окупаторот - рече Зафировски.
На свечената седница беа присутни претставници на АРМ, општинска администрација, ученици и други. Во недела во 11 часот на Спомен костурница борците и други делегации ќе положат цвеќе и ќе им оддадат почит на загинатите од НОБ.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk