Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Езерата Липково и Глажња се полни и во моментов има околу 19 милиони кубни метри вода, количина кои се доволни за потребите на Куманово за ова година.
Од ЈП „Водостопанство Кумановско - липковско поле“, велат дека и покрај слабите врнежи на дожд и зима без снег, тие со рационалното користење на водата и неколку измени во системот на делување, ги постигнале посакуваните резултати.
Во текот на зимата вода се испорачувала само на ЈП „Водовод“ Куманово и спречени се сите можности за непродуктивно трошење.
„Воведовме смени и дежурни работници кои ги контролираа вентилите на цевководите, за да не се вклучуваат за наводнување на земјоделските површини. Дополнително, направен е распоред, сите месни заедници во руралните средини имаат добиено списоците и точно знаат во кои денови ќе има вода за наводнување, а кога не e дозволено да го прават тоа. Рационализацијата ги даде посакуваните резултати“, истакна Оливер Илиевски, директор на подружницата Кумановско-липковско поле.
Освен за водоснабдување на Куманово и околните населби, снабдување со техничка вода на индустриските капацитети, подружницата на Водостопанство стопанисува и со систем за наводнување Липково и мали системи за наводнување Довезенце, Јачинце и Клечовце. Системот Шупли Камен кон Зубовце не е во функција.
Сепак, надлежните апелираат за совесно однесување на граѓаните кон водата, затоа што тие не се нешто што може да се произведе или набави по потреба, туку во најголема мерка зависи од метеоролошките услови.
Минатата сезона претпријатието ја завршило со залиха од 10 милиони м3 вода, а речиси 50 проценти од количините се надополнети во текот на зимата.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk