Буџетот проширен со донации за два проекти

28.05.2015 09:41 | KumanovoNews

Општинскиот буџет за 2015 година е проширен со донации во вредност од 996.000 денари, за реализирање на два проекти.

Буџетот проширен со донации за два проекти

Оваа одлука вчера ја изгласаа советниците на седница на Советот на општина Куманово. Донациите ќе бидат наменети за обуки на вработени од општина Куманово, како и на дел од наставниот кадар од средното училиште “Перо Наков“.

“Првиот проект се вика “Обложи се на ЕУ. Балканот и Европа заедно“. Инаку се работи за проект од Европа на граѓани, кој ќе трае во 2015 и 2016 година, финансиран преку ЕУ, а средствата пристигаат преку градот Суботица кој претставува официјален партнер заедно со општина Куманово во рамки на овој проект. Вториот проект кој се вградува во буџетот за 2015 година се однесува за “Перо Наков“. Ваков проект училиштето имаше добиено минатата година, а ова е дополнување. Средствата се добиени од Национална агенција за европски образовни програми“ - вели Ирена Илиевска, раководител на сектор за финансии во општина Куманово.

Професори од “Перо Наков“ ќе одат на обука во Гранада, Шпанија и со овие пари ќе бидат покриени трошоците за сместување, патување и слично.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk