Ќе падне уште една стара куќа во центарот на градот

01.12.2015 10:49 | KumanovoNews

Стара куќа на улицата „Борис Кидрич“, спроти зградата на поранешен Комитет секој момент може да се урне, бидејќи темелите се поткопани а ѕидовите распаднати. Во неа живее семејството Николовски, кое секојдневно стрепи за својата безбедност.

Ќе падне уште една стара куќа во центарот на градот

30 години живееме тука со сопругот под кирија. Ова падна пред една недела, вода се појави во подрум, интервенираше „Водовод“ и потоа целиот подрум пропадна. Цела недела никој не презема мерки, доаѓаа од СИЗ од општина и ништо не преземаа. Страшно е мене ми е страв да живеам тука, тие треба да ни дадат на друго место стан, имаат на повеќе места, но не сакаат да ни дадат - вели Ангелина Николовска (57).

Објектот е во надлежност на јавното претпријатие За стопанисување со станбен и деловен простор. Николовски бараат од надлежните да бидат сместени на друго место каде ќе бидат сигурни. Од секторот за урбанизам во општина Куманово  информираат дека за случајот биле известени од секторот за инспекциски работи. По утврдувањето на фактичката состојба,  комисијата донела решение за отстаранување на објектот.

Ние сме должни согласно законот, сопственикот на објектот, во овој случај ЈП За стопанисување со станбен и деловен простор на кое што му е наложено веднаш да пристапи кон обезбедување на објектот за да не направи штета на соседните објекти, како и на граѓаните кои се движат во непосредна близина. Тие се должни да ги известат потстанарите во самиот објект, кое е известено од комисијата, меѓутоа и јавното претпријатие треба тие луѓе да ги згрижи и иссели бидејќи не се знае моментот на уривање на самиот објект“ - изјави Лидија Ланг Спасовска, раководител на сектор за урбанизам.

Во центарот на Куманово постојат 15 склонопадни објекти. Во најголем број случаи станува збор за објекти што се во сопственост на повеќе физички лица каде што постојат нерасчистени имотно‐правни односи.

Граѓаните велат дека ваквите објекти треба веднаш да се отстранат,  за да не дојде до предизвикување на штети или да не се повреди некој пешак.

Повеќе вакви стари куќи, објекти има во градот и треба да се срушат за да нема немили настани. Јас лично кога поминувам покрај нив многу сум внимателен, се држам настрана - рече Перо Илиевски, граѓанин.

Летово дотрајана куќа на улица „Ленинова“ се урна врз автобус и автомобил. Повредени немаше, но беше предизвикана материјална штета.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk