Ќе се дополнува вештачењето за случајот Шипоња

17.10.2016 08:55 | KumanovoNews

Со сослушување на вештак во Основниот суд-Куманово во петокот продолжи судењето против Бајрам Лимани од селото Лојане и Амир Љатифи од Куманово, обвинети за убиството на 45-годишниот Џемаил Реџепи командант Шипоња.

Ќе се дополнува вештачењето за случајот Шипоња

"Беше сослушано вешто лице, форензичар. Адвокатот на обвинетите му постави неколку прашања околу тоа со која динамика се случил настанот. Но, тој не беше во можност во целост да даде одговори на поставените прашања, бидејќи немал увид во целокупната документација од предметот. Од тие причини обвинителот даде предлог вештото лице да го дополни своето вештачење и писмените докази. Судот го прифати барањето и ќе биде извршено дополнение на вештачењето, па потоа ќе продолжиме со постапката", изјави адвокатот на семејството на оштетените.

На наредното рочиште треба да се сослуша уште еден вештак и потоа ќе бидат презентирани докази на одбраната. Досега се сослушани сите 7 сведоци на обвинителството, кои биле присутни критичниот ден кога се случила крвавата пресметка во угостителскиот објект. Роднини на убиените, веќе неколкупати бараат случајот да го преземе Специјалното обвинителство бидејќи немаат доверба во Кумановскиот суд.

Бајрам Лимани и Амир Љатифи, обвинети се за убиство и убиство во обид, бидејќи на 23 јули минатата година го убиле Шипоња, а раниле уште две лица по расправија во угостителски објект. Додека Лимани седел со своите пријатели, пристигнала осумчлена група на Шипоња. Меѓу сопартијците настанала расправија која прераснала во физичка пресметка, по што било употребено оружје. Повредите на Шипоња биле фатални, а двајцата поминале со полесни повреди.

Лимани, кој сè уште е в.д. претседател на ДУИ Куманово, по предлог на одбраната мерката притвор му беше заменета со куќен притвор, а пред три рочишта и на Љатифи му е замената мерката во куќен притвор.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk