Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Две училници и еден тоалет во основното училиште „11 Октомври“ ќе бидат прилагодени за настава за ран детски развој, со пари од УНИЦЕФ и општина Куманово.
Проектот чини 520.000 денари, а општина Куманово учествува со 100.000 денари. Просториите ќе бидат наменети за децата од ромска националност, кои немаат можност да одат во градинка.
“Одиме да го посетиме објектот, бидејќи таму се прават подготовките. За десетина дена ќе бидат завршени тие две училници и еден тоалет. Обезбедени се средства за едногодишна плата на учителот кој ќе работи со децата за ран детски развој. Потоа ќе биде пријавен во Министерството за труд и социјална политика, ќе се бараат средства и согласност за да таа активност продолжи. Зборувам за труд и социјала бидејќи ран детски развој е во тој ресор“ - кажа градоначалникот Зоран Дамјановски.
Претставникот на УНИЦЕФ, Бертранд Демулан вели дека нивна задача е да го помогнат образовниот процес во Македонија, преку центрите за ран детски развој.
“Со децата се работи да се поттикне знаењето и вештините уште од најмала возраст и да се подготват за успешен старт во основно образование. Ние ќе ги поддржиме општините, особено општина Куманово во ваквите иницијативи. Со помошта конкретно за оваа иницијатива, од Австриската агенција за развој го отвараме овој центар. Ќе го посетиме да видиме како течат работите“ - изјави Демулан.
Во центарот за ран детски развој во “11 Октомври“, децата распоредени во групи ќе престојуваат 2-3 часа во текот на денот и ќе совладуваат знаења.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk