Ќе се вработат 23 пожарникари во ТППЕ Куманово

23.01.2016 17:21 | KumanovoNews

Советниците на вчерашната  седница на Советот на општина Куманово изгласаа одлука за давање на согласност за вработување на 23 пожарникари во Територијалната противпожарна единица Куманово.

Ќе се вработат 23 пожарникари во ТППЕ Куманово

Средства за плати на новите пожарникари се обезбедени од буџетот на општината. Ќе биде распишан конкурс и се очекува пожарникарите во февруари да почнат со работа.

Се дава согласност за вработување на пожарникари на одредено време до година дена. Би сакала да појаснам зошто е ова до година дена. Новиот закон за вработување во јавниот сектор предвидува усвојување на годишна програма за вработување. Оваа годишна програма треба исто да ја донесе Советот, но Советот не може да ја донесе додека не се усвои методологијата од страна на Министерство за информатичко општество. Сè уште не е донесена методологија за изготвување на програмата каде што ќе се предвиди правичната застапеност на заедниците во однос на вработување - изјави Валентина Алексовска, секретар во општина Куманово.

Сите советници се согласија дека на општина Куманово и требаат нови пожарникари, бидејќи се вклучуваат не само во гаснење на пожари, туку и при технички интервенции и елементарни непогоди.

На 1500 луѓе население треба да имаме еден пожарникар. Тие интервенираат не само во летниот период кога има пожари, туку и во зимскиот кога има запалени автомобили, несреќи, поплави - рече Снежана Захариева, советник од СДСМ.

Според бројот на население кое го покрива ТППЕ Куманово треба да има 60 до 70 пожарникари. Засега бројката на вработени е 25, а од следниот месец ќе се вработат и новите 23 пожарникари.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk