„Цел живот ќе живееме со болката дека ни го украдоа детето“

27.09.2016 13:33 | KumanovoNews

Шест и пол години по исчезнувањето на две деца од кумановските населби Средорек и Бавчи, роднините се' уште без одговор каде се Дане Мемети и Мирсада Хедовиќ

„Цел живот ќе живееме со болката дека ни го украдоа детето“

Шест и пол години нема трага ни глас од двете деца што мистериозно исчезнаа од кумановските населби Средорек и Бавчи. Дане Мемети и Мирсада Хелдовиќ, двајцата на 5-годишна возраст, ги снема во почетокот на 2010 година додека си играле пред нивните домови и од тогаш им се губи секаков траг. Истрагата на македонската полиција и меѓународната потерница не дадоа резултати, па роднините обвинуваат дека децата се киднапирани, но дека никој повеќе не се интересира за нивно пронаоѓање.

„Нема ништо ново. Така си остана нерешено, сите го заборавија случајот. За нив може е завршена работата, ама за нас не е. Цел живот ќе живееме со болката дека ни е украдено дете и ќе се надеваме дека еден ден ќе се врати. Ако го украле за препродажба на органи, никогаш повеќе нема да го видиме, ама ако е посвоен во некое семејство кога-тогаш ќе се врати. Не беше тој толку малечок. Имаше 5 години, одеше сам во продавница знаеше каде му е куќата. Јас мислам дека постои некоја организирана банда што ги краде децата. Таа работа ја водат некои голем луѓе. Не може некоја ситна риба да краде деца по куќи, тоа е некоја ’ајкула’“, вели чичкото на Дане, Боби Мемети.

Дане исчезнал на 27 март 2010 година околу 20 часот. Роднините најпрво се посомневале дека се удавил во реката Кумановка, додека си играл со инвалидската количка на баба му во дворот. Но, нуркачките екипи не го најдоа по пребарување на реката. Само петнаесетина дена потоа, на 12 април, беше пријавено исчезнувањето на Мирсада, дете со интелектуална попреченост од населбата Бавчи. Таа се изгубила околу 15 часот од пред куќата, додека си играла со својата сестра близначка. Жителите на двете населби тогаш тврдеа дека виделе црн џип со бугарски регистарски таблички како се движи во населбите и претпоставуваат дека луѓето во него ги грабнале децата.

„Не знаме ништо. Дали се живи или мртви - нема кој да ни каже. Нема ни кого да прашаме, од полиција ни викаат - ако има нешто, ние ќе ви се јавиме. Само господ знае што се случило со децата. Не верувам веќе ни дека ќе се вратат“, вели бабата на Дане, Фетие Демирова (70).

Таа раскажува дека по трагедијата, повеќе не ги оставаат децата сами. Таткото на Дане пред еден месец заминал да бере грозје во Србија, па таму ги одвел и трите деца. И соседите на семејството Мемеди се исплашени за судбината на своите деца по информациите дека повторно имало обиди за киднапирање. Велат дека децата во ромските населби се честа цел затоа што семејствата се сиромашни и децата најлесно можат да се излажат.

„Таман малку позаборавивме, сега слушаме на телевизија крадат деца во Скопје. Многу сме исплашени. Ги држиме децата повеќе во куќа, не смееме да ги пуштиме на улица. Ама деца се, не можеме внатре да ги затвориме, одат во школо, а не знаеш кој може да ги сретне“, вели сосетката Ајше Сулими.

Таа кажува дека пред дваесетина дена се извадиле од памет кога некоја жена донела неколку најлони играчки и облека во Средорек и почнала да им ги дели на децата. Родителите помислиле дека сака да ги намами и да ги украде, па се собрале и отишле да ја прашаат која и' е намерата. Жената била непријатно изненадена од нивната реакција, бидејќи нејзината хуманитарна работа била погрешно сфатена, но мајката додава дека морале така да постапат бидејќи повеќе не може да им се верува на луѓето.

Мистеријата за Дане, Митат и Мирсада се' уште трае

Изминативе години често во јавноста се појавуваа информации за обиди за киднапирање деца во различни региони на земјава. Полицијата се' уште не ја расветли мистеријата околу исчезнувањето на три деца, кои ги снема во пролетта во 2010 година. За 6,5 години во Куманово исчезнаа три деца. Покрај Дане и Мирсада пред 2 години се изгуби и Ренат Џељадини (15), додека со родителите собирал пластика на депонијата Краста. И неговото исчезнување е прекриено со мистерија.

На сајтот на МВР во графата за исчезнати лица се' уште стојат имињата и сликите на исчезнатите деца, со личните податоци и описот како биле облечени на денот на киднапирањето. На 19 март излегол од дома и повеќе не се врати Митат Ибраими од скопското Средно Коњаре. Во моментот кога исчезнал на себе имал зелена тренерка, сини фармерки и кафени чизми. Доколку е жив денес би имал 13 години. Осум дена по него исчезна и петгодишниот Дане Мемети од кумановската населба Средорек. На денот на исчезнувањето носел бели сомотски пантолони и шарен дуксер. Денес би имал 11 години. Само 16 дена по него исчезна и неговата другарка и врсничка Мирсада Хелдовиќ.

                                                                  (Утрински весник)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk