Централната прослава за 11 Октомври ќе се одржи на Спомен костурницата во Куманово

10.10.2023 19:54 | Сузана Николиќ

Под мотото „Непокор и слобода" , утре со пригодни настани ќе го одбележи државниот празник 11 Октомври - Ден на народното востание.

Централната прослава за 11 Октомври ќе се одржи на Спомен костурницата во Куманово

Централниот настан за одбележување на празникот ќе се одржи пред Спомен - костурницата во Куманово, а владини делегации ќе положат свежо цвеќе пред спомениците на паднатите борци од НОБ во Скопје и во Прилеп.

Во Куманово, централниот настан ќе започне во 10:00 часот со положување свежо цвеќе пред Спомен - костурницата. Владината делегација ќе ја предводи претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, а во состав на делегацијата се Артан Груби, министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура и Азир Алиу, министер за информатичко општество.

Настанот продолжува со обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски а потоа ќе следува културно - уметничка програма на платото пред Спомен - костурницата.

Во Скопје, со почеток во 10:30 часот, владина делегација предводена од заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, а во состав Филип Николовски, заменик министер за финансии, Беким Реџепи, заменик министер за транспорт и врски, ќе положат свежо цвеќе во Меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ Бутел во Скопје, а во 11:30 часот ќе положат свежо цвеќе на споменикот ,,Ослободителите на Скопје”, на платото кај Владата на Република Северна Македонија, по што вицепремиерката Грковска ќе даде изјава по повод празникот.

Како дел од чествувањето на Денот на народното востание, утре, во Прилеп владина делегација, во 09:30 часот, ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, потоа пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу и пред Могилата на Непобедените. Владината делегација ја предводи заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи. Во состав на владината делегација се и заменик министерката за здравство, Маја Манолева и заменик министерот за образование и наука, Агим Нухиу.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk