Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Средните училишта „Наце Буѓони“, „Перо Наков“, „Сами Фрашери“ и „Киро Бурназ“ од Куманово се четири од дваесет и деветте училишта во земјава кои ќе добијат грант од Министерството за образование и наука за спроведување на активности кои ќе бидат во насока за градење на мултиетничките вредности.
По распишаниот Јавен повик за доделување средства кои ќе придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција, средното училиште „Наце Буѓони“ од Куманово е прво на листата на рангираните со 88 бодови.
Паралалено грантови добија и 4 основни училиште од Куманово, три од Старо Нагоричане и две од Крива Паланка, кои своите активности ќе ги реализираат самостојно, или во соработка со други основни училиштa.
Средства ќе добијат ОУ „Браќа Миладиновци“, ОУ „Бајрам Шабани“, ОУ „Кирил и Методиј“ с. Романовце, ОУ „Јероним Де Рада“, Чекеско село, Куманово, ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ с. Драгоманце, ОУ „Христијан Карпош„, Младо Нагоричане, ОУ „Светозар Марковиќ“ Старо Нагоричане, ОУ „Илинден“ и ОУ „Јоаким Крчовски“, Крива Паланка.
Од основните училишта најмногу бодови 87 добија училиштата „Христијан Тодоровски Карпош“ с. Драгоманце и „Кирил и Методиј“ с. Романовце и тие се први на листата.
„Основната цел на овие грантови е промовирање на добрите практики за активности во кои се негуваат хармонични односи кои се темелат на почитување на разликите и притоа градејќи едно мултиетничко и мултикултурно општество, со што се овозможува градење на современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент“, стои во информацијата од Министерството за образование и наука кои ги објави и конечните листа на грантисти кои можете да ги видете ТУКА.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk