Чевларите го слават Свети Спиридон

25.12.2015 11:26 | KumanovoNews

Денеска е Свети Спиридон и чевларите од градот како и секоја година ќе го прослават овој празник.

Чевларите го слават Свети Спиридон

Некои од фирмите за производство на чевли ќе слават на работа, а некои во ресторан.

Свети Спиридон е заштитник на чевларите. Ние сме фирма со 80 вработени и на крајот на работното време ќе прославиме, а вообичаено фирмите кои слават сечат и колач во црква - велат од чевларска фирма во градот.

И во другите фирми велат дека сечат колач за здравје, среќа и успех во работата.

Ние вечерва во ресторан ќе го славиме празникот. За сите вработени ќе има подарок по еден пар чизми, а имаме 60 вработени - велат од друга фирма.

Свети Спиридон воедно е слава и на Гимназијата “Гоце Делчев“ во Куманово.

Светецот е роден на островот Кипар, во сиромашно семејство и е познат по тоа што помагал на бедните луѓе. Со Божјата сила покажа големи чуда: го запре текот на реката, воскресна неколку мртовци, го исцели царот Констанс од тешка болест, ги виде и ги слушна ангелите Божји, проѕираше во тајните на човечките срца, многумина обрати во вистинската вера.  Учествуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и со своето јасно исповедање на верата, голем број еретици ги врати во Православието. Кога еднаш беше поканет од царот и сакаше да влезе во царскиот дворец, војникот мислејќи дека е некој просјак му удри шлаканица, а Спиридон му го заврти и другиот образ. Се упокои во Господ во 348 година, а неговите чудотворни мошти сега се на островот Крф.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk