Чевларите од Куманово го прославија „Св. Спридон“

25.12.2019 12:20 | KumanovoNews

Здружението на чевларите од Куманово, синоќа во ресторанот Грација, со своите членови и гости, го одбележа „Св. Спиридон“, заштитник на чевларите и на занаетчиите.

Чевларите од Куманово го прославија „Св. Спридон“

На пригодната манифестација, покрај културно-забавната програма, постарите членови, кои воедно се и основачи на здружението споделија искуства со помладите колеги. Претседателката Лидија Милановска, истакна дека чевларството е во тешка состојба, но сеуште е стопанска гранка од која егзистираат голем број на семејство во градот.

„Во Здружението на чевларите членуваат 36 фирми, од кои 5-6 не се од Куманово. Со Министерството за економија работевме на едукација на млади дизајнери на обувки, а во наредниот период планираме да имплементираме проект за обезбедување на подобри услови за работа. Имаме одлична соработка со колегите и затоа сакавме вечерва да направиме една заедничка средба, но и со бизнис секторот, претставниците на локалната власт и државните институции, бидејќи сите идеи и помош се добредојдени,“ - истакна Милановска.

Градоначалникот Максим Димитриевски ги поздрави чевларите, им го честиташе празникот и и им најави поддршка за обуки и семинари, како и контакти со фирми во поразвиените земји.

Здружението на чевлари во Куманово постои веќе 2 години. Во градот има околу 50 фабрики и погони за производство на чевли, а најголем проблем со кој се соочуваат е недостаток на работници и застарена опрема.

На прославата на празникот настапи КУД „Срма“ и танцовиот клуб Динамик.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk