Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во 2024 година ЈП „Чистота и зеленило“ генерирало загуба од 7,72 милиони денари или 125.000 евра, но има и доспеани обврски во висина од 13 милиони денари или 211.382 евра, што драстично го зголемува минусот кој достигнува 340.000 евра.
Според помошник директорка Цветанка Ивановска, тоа се должи на зголемените расходи поради повисоки материјални трошоци, платите за вработените и трошоци за тековното работење.
“Набавка на зимска и летна ХТЗ опрема за работниците, набавка на нафетни деривати и електрична енергија, платите на вработените се обврските кои најмногу го оптоваруваат претпријатието. Основни двигатели на јавното претпријатие се работниците и сметаме дека треба да имаат зголемување на плати, но тоа е голем товар за нас, и затоа па доаѓа до вакви загуби. Имаме 4 зголемувања на минималната плата, а едно на цените за изнесување на смет. Претпријатието извршува и други услуги, но цените за нив не се зголемени“, кажа Ивановска пред советниците.
На ова жестоко реагираше опозицијата која смета дека и покрај покачување на цената граѓаните добиваат се полоша услуга, поради што градот никогаш не бил повалкан од денеска. Советниците потсетија дека претпријатието добива поддршка од Општина Куманово, но и покрај тоа прави загуби, поради слабиот менаџерски тим.
„Трошоците за плата за вработените е зголемена за 50 посто, но и услугата е покачена за истиот процент. Општината ви обезбеди 51 милиони денари за одржување на јавни прометни површини и раззеленување на градот, а немате ништо направено. На пример 4 милиони денари имате наплатено за метење и чистење на малиот плоштад, а се уште стои табла дека се прави реконструкција. По кој основ фактурирате за објекти за кои се води реконструкција? Наплатено е 9 милиони денари за изнесување и чистење на снег, нема паднато снег во 2024 година во Општина Куманово. За привремени вработувања имате 18 милиони денари, имате ли потреба од тие вработувања. Имате ли потреба од вработување на советник на директорот? Имате 500-600 вработени и уште немате дадено плата, а за уште три дена имате нафта за возилата и нема да можете да ги извршувате обврските. Во тотален хаос ви е претпријатието“, кажа советникот Благојче Јаќимовиќ од НСДП.
Ивановска му одговори дека претпријатието посветено работи и си ги извршува секојденвните обврски, а дека на малиот плоштад се чистат зелените површини и не можат да го остават да се затрпа во ѓубре. Се пофали дека засадиле над 3.000 дрвја, а имаат трошоци и за нивно одржување и наводнување на зеленилото, како и набавено и инсталирано повеќе од 150 полуподземни контејнери во градот, приградските населби и селата. За уништување на младите садници повторно ги обвини несовесните граѓани. Како пример беше посочено зеленилото на градскиот плоштад.
На ова регираше советничката од СДСМ Атина Мургашанска, која кажа дека власта во едно е единствена, а тоа дека за се и се виновни граѓаните, а не лошото менаџирање на претпријатеито на кое основна дејност му е одржувањето на хигиената и зеленилото во градот.
„Сите имаме добра намера, но тоа не е доволно. Не може да има зеленило само овде - онде. Триесет години е истата шема на цвеќенца на градските плоштади. Па дај прочитајте малку, прошетајте малку, не мора надвор, може и кај нас, па воведете некои новитети. Вие сте на исто ниво како пред 50 години, дури и тогаш беше подобро. Направете нешто градот да биде пошарен, поубав, барем на двата плоштади, а зошто не и на другите зелени површини“, кажа Мургашанска.
Таа побара да се работи на едукација и кампањи за подигање на јавната свест за зачувување на јавното добро, и со превенција да се застане во одбрана на естетиката, но и животната средина и почистиот воздух.
Извештајот беше усвоен со 16 гласа од мнозинствотот и 5 против од опозицијата.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk