“Чистота“ со добивка во првиот квартал

01.07.2015 13:46 | KumanovoNews

Јавното претпријатије “Чистота и зеленило“ го завршува првиот квартал од 2015 година со добивка од 3.5 милиони денари.

“Чистота“ со добивка во првиот квартал

На денешната триесет и деветта седница на Советот на општина Куманово, советниците го поздравија работењето со добивка, но имаа и поплаки за собирањето на смет. Велат дека во тесните улички големите возила не можат да влезат, и побараа објаснување зошто е тоа така.

“Во тесни улички се праќа камион кој едвај може да помине. Пример е улицата “Вера Которка“. Граѓаните се принудени 200-300 метри да одат пеш до првиот контејнер за да го фрлат сметот“ - кажа Драган Петковски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

На ова директорот Сашо Петрушевски објасни дека дел од помалите возила за собирање на смет се во дефект, и апелираше до граѓаните во контејнерите да не фрлаат секаков отпад или истите да ги палат.

“Тоа е оперативно работење. Верувајте дека со застарени камиони  од постар тип, доаѓаме во ситуација да имаме дефекти и тоа е нормално во вакви дејности. Се надевам дека по набавка на резервните делови се ќе се санира и ќе дојде во најдобар ред, бидејќи ние мора да одговориме на потребите на граѓаните. Затоа се собира смет и во ноќните часови и се надевам дека овој технички проблем ќе се надмине“- рече Петрушевски.

Тој објасни дека во наредниот период во соработка со Советот и општината, преку здруженијата каде членуваат,  ќе аплицираат за набавка на нови возила.

Советниците на денешната седница го поддржаа извештајот за деловно финансиско работење за период јануари - март 2015 година.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk