Да не се фрла сенка врз нашата работа, бара Општинскиот кризен штаб

28.04.2020 11:37 | KumanovoNews

Општински штаб за заштита и спасување во Куманово, бара од надлежните државни органи во најкус можен рок да го расчистат случајот по вонредниот извешај од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), за да не се фрла сомнеж врз нивната работа и врз сето она што до сега е преземено и сработено во борбата со епидемијата од КОВИД-19 во Куманово.

Да не се фрла сенка врз нашата работа, бара Општинскиот кризен штаб

Од Штабот соопштуваат дека се загрижени поради новонастанатата состојба со вонредниот инспекциски надзор на ДЗСИ во однос на командантот- градоначалникот Мкасим Димитриевски и придружениот член на штабот за раководителот на РЦУК Горан Стојковски, заради наводно прекршување на процедури и бараат записникот и извештајот од постапка да им биде доставен на увид.

„Ваквата констатација фрла сомнеж врз сето она што до сега е преземено и сработено од страна на ОШЗС во борбата со епидемијата од КОВИД-19 во Куманово. Бараме од надлежните државни органи во најкус можен рок да го расчистат случајот. ОШЗС во континуитет од самиот почеток на епидемијата укажува на голем број на недостатоци на акти и дефинирани процедури кои треба да ги донесе Владата, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести со кои прецизно се регулираат процедурите во услови на епидемија како и заклучоци со кои се укажува за фактичката состојба и реалните потреби во здравствените организации во Општина Куманово“, - соопштуваат од Штабот.

Од таму додаваат дека силно ја поддржува работата и ангажманот на здравствените работници (лекари и медицински персонал во Општа болница, Здравствениот дом, матични лекари, ЦЈЗ, епидемиолозите и др.) и ја истакнуваат нивната посветеност и досегашна соработка, заради што упатуваат голема благодарност до нив.

„Цениме дека тоа се луѓето на првата линија на фронтот, против вирусот КОВИД -19, како и нивната 24-часовна посветеност, ризикувајќи ги своите животи во интерес и спас на животите на своите сограѓани. Од тие причини упатуваме јасна порака до Министерството за здравство во наредниот период, целосно да се посвети на подобрување на сите слабости во поставениот систем, кој очигледно не функционира беспрекорно. ОШЗС ќе продолжи со сите средства и целата логистика заеднички да ја продолжи битката, со злото кое го зафати светот, нашата држава и нашиот град. За нас, наш врвен приоритет, отсекогаш беше и остана спасување на човечки животи и грижа за граѓаните на Општина Куманово за нивно сеопшто добро“, -стои во соопштението.

ОШЗС Куманово целосно се оградува од сите политички, правни и физички лица кои самостојно без запознавање и одобрение на ОШЗС делат пакети и друга помош и бара од нив да ги почитуваат одлуките на штабот и тоа да го организираат во координација со ОШЗС и апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и препораките на Владата.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk