Да се поедностави процесот на јавни набавки бараат фирмите

22.07.2014 11:33 | KumanovoNews

Процесот на јавни набавки да се поедностави за да можат помалите фирми да учествуваат на тендерите.

Да се поедностави процесот на јавни набавки бараат фирмите

Ова беше посочено на денешната работна средба од УСАИД, кои  ги советуваа претставниците на општините, јавните претпријатија и институции да создадат услови за рамноправна трка. Тука пред се се мисли на обемната документација, кратките рокови,  поделба на тендерот за учество на повеќе фирми и подобра комуникацијата со фирмите.

  - Од една страна институциите да ја добијат најквалитетната понуда, а фирмите да се подготват да настапат на пазарот за јавни набавки.  Многу е важно да се каже дека овие препораки се во склад со европските препораки бидејќи Европската Унија има случни препораки до договорните органи за да се олесни тој пристап на микропретпријатијата до јавните набавки. Станува збор за помош на фирмите кои имаат еден, двајца вработени кои немаат соодветно знаење и кадар за да учествуваат на тендерите - изјави Герман Филков, раководител на проектот на УСАИД за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки.

Учесниците рекоа дека во многу од институциите нема сектор кој се грижи за јавните набавки и целата работа е на товар на еден човек.

  - Здравствен дом Куманово годишно има преку 50 јавни набавки со објавување на огласи. Административниот дел е огромен. Во секоја јавна установа треба да има служба, сектор за јавни набавки, а кај нас ги води едно лице кое плус можеби работи и книговодство и финансии, правни и општи работи што е премногу - рече Сашо Арсениевски, финансиски директор во Здравствен дом Куманово.

 Вакви работни состаноци се одржаа во повеќе градови во земјава.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk