Да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје, невакцинираните деца да не се примаат во градинка

08.02.2024 08:06 | Сузана Николиќ

Епидемија на голема кашлица да се прогласи на територијата на Град Скопје и да се забрани прием на деца невакцинирани со пертусис во градинки, предлага Комисијата за заразни болести. 

Да се прогласи епидемија на голема кашлица во Скопје, невакцинираните деца да не се примаат во градинка

Препораките уследија откако се зголемениот број на заболени деца од голема кашлица во земјата.

„Разгледувајќи ги бројките, во моментот се 18 потврдени случаи со голема кашлица и имајќи предвид дека во изминатите денови овој број расте, особено на територија на град Скопје каде се потврдени 14 случаи одлучивме да препорачаме прогласување епидемија за град Скопје. Ова звучи малку страшно, но реално треба да ни олесни во справување со ризикот кој доаѓа со болеста голема кашлица. Во таа насока моментално го подготвуваме Упатството за постапување во услови на епидемија од страна на Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на испуштените вакцини“, рече претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски.

Тој истакна дека опфатот со вакцинација против пертусис не е на задоволително ниво, што значи дека тука треба е фокусот и да се поправи тоа што е испуштено во изминатиот период.

„Затоа ќе ги повикуваме сите кои пропуштиле вакцинација предвидена со редовниот календар, ќе предложиме да се организира работата на вакциналните пунктови во две смени, и дополнително во сабота да се примаат деца за вакцинација. Исто така, препорачуваме забрана за прием на деца невакцинирани со пертусис во градинки и очекуваме овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација бидејќи фокусот е на заштита на најмалите. Оваа болест е најтешка за најмалите. Вакцинацијата според редовниот календар почнува во втори месец и ние ги повикуваме сите родители да се придржуваат на овој дефиниран распоред, бидејќи дури и една доза значително ги заштитува вакцинираните од сериозен тек на болеста“, изјави Петличковски.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk