Да се тргнат контејнерите од улица

18.12.2014 15:00 | KumanovoNews

Контејнерите за собирање на смет се поставуваат на несоодветни места.

Да се тргнат контејнерите од улица

Ова го сметаат дел од советниците и граѓаните, кои побараа од менаџерскиот тим на ЈП „Чистота и зеленило“ да ја отстранат ваквата појава.

“Воопшто не е пријатно пред влез на зграда да ви стои контејнер и да ви смрди. Мора да се набават повеќе контејнери. Би предложил до директорот и градоначалникот да се обезбеди поголема хигиена во градот, посебно во летниот период“ - рече претседателот на Советот, Максим Димитриевски.

И граѓаните се жалат дека контејнерите не се поставени на дискретни места, за да не сметаа, туку на многу фрекфентни улици и од нив не може да се помине.

Никаде не сум видел контејнерите да се поставуваат на сред улица, туку само кај нас. Освен што сметаат постојано во сообраќајот, посебна приказна е кога ќе дојде возилото да ги празни. Мора да се најде начин да се тргнат од улиците и тротоарите, нека се стават под земја како во големите градови, -вели Зоран С..

Директорот на “Чистота и зеленило“, Сашо Петрушевски објаснува дека одлуката каде ќе стојат контејнерите ја донел Советот на Општината, но многу често несовесни граѓани ги поместуваат, а тие немаат надлежност да ги казнуваат.

“Десет пати усно и писмено сме реагирале до СВР Куманово за оваа појава. Добивме одговор од началникот дека фатиле два-тројца како во ноќните часови ги поместуваат контејнерите и парично ги казниле. Граѓаните некогаш и организирано ги ставаат контејнерите таму каде што ќе им текне. Тоа е веќе масовна појава“ - се пожали директорот.

Тој додаде дека многу често садовите за смет се уништуваат од несовесни граѓани, а во нив и покрај нив се фрла се и сешто, од пепел до мебел.

На денешната седница општинскиот совет го изгласа извештајот за деловно финансиско работење на “Чистота и зеленило“ за третиот квартал. Во овој период претпријатијето бележи добивка од 350.000 денари.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk