Да се вгради канализациона цевка во пругата кај Режановце

06.05.2015 10:29 | KumanovoNews

Да се вгради канализациона цевка во пругата кај село Режановце, бараат мештаните.

Да се вгради канализациона цевка во пругата кај Режановце

Ова би бил првиот чекор, за потоа со помош на надлежните од општината да изградат и канализациона мрежа. Мештаните најавија протест кај пругата  за денеска, но истиот го откажаа откако од Министерството за транспорт и врски и Македонски железници им ветиле дека ќе го исполнат нивното барање.

Нашето барање е да се ископа, да се стави 42 метри канализациона цевка, и за  водовод, и за струја и за кабловска телевизија. Тоа е главното барање кое го имаат мештаните на ова село. Позитивно ни одговорија, имаме документи. Доколку не се исполни барањето, во понеделник треба да почне да се копа, во вторник ќе бидеме на протест дефинитивно. Еднаш за секогаш треба да се реши ова. Ова е најбогато село со вода, а да нема канализациона мрежа. Ќе блокираме и нема да дозволиме ни лесно возило на железници да влезе - изјави Зоран Крстевски, претседател на месна заедница Режановце.

Мештаните се категорични дека нема да дозволат да се работи на изградба на пруга кај нивното село, доколку институциите не им излезат во пресрет за барањето за вградување на канализациона цевка во пругата.

Дваесет години живееме во лага дека ќе се направи канализација. Префрлаат топка едни на други. Сега дојде време да се прокопува за железничка пруга кон Бугарија. Бараме да ни вградат цевка, а натаму ние ќе си бараме од општина бидејќи имаме сознанија дека има поминато на Совет, дека тоа со странски донации ќе се прави - рече Станимир Митковски, жител на Режановце.

Режановце брои 1000 жители, а мештаните велат дека ако не се изгради канализациона мрежа, поради немање на услови за живот селаните ќе се иселуваат.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk