Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски тврди дека на улиците и патиштата во општината фрлени се 85 тони сол, и преземени се сите мерки и активности за чистење на снегот, но поради објективни причини работата не е завршена докрај.
По обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека локалната самоуправа не презела ништо за да се справи со снегот, тој денеска одговори дека Куманово има 280 километри улици и патишта за одржување, и тоа е многу голема површина и работа, која во услови на екстремно ниски температури и невреме не може да се заврши за три дена. Побара трпение од граѓаните и најави дека за ден-два работите ќе се нормализираат.
„За разлика од некои политичари, во изминатите три дена за мене и за моите соработници не беше приоритет празникот, туку работата на терен за чистење на снегот. Имаше потреба да се исчисти голема количина на снег не само од улиците во централното градско подрачје, туку и на периферијата и во селата кои останаа отсечени од градот. Во една синхронизирана акција во функција ја ставивме сета постоечка механизација и завршивме добар дел од работата. Се соочувавме и со проблеми, како во селото Кшање каде ни се заглавија две машини при чистење на навев висок 2,5 метри на патот до затворот, а дополнителен хендикеп ни беа и ниските температури кои ја отежнуваа работата на самите машини. Но, и покрај се, јас сум задоволен што уште на Бадник успејавме да обезбедиме проодност на главните артерии во градот, а подоцна и на останатите патни правци. Интензивно се работи на терен за да се исчисти снегот,- изјави Дамјановски, кој тврди дека лично го предводи оперативниот штаб за чистење на улиците.
Градоначалникот ги повика граѓаните да бидат стрпливи уште неколку дена и да не излегуваат без потреба во градот додека целосно не се исчистат улиците. Доколку продолжат врнежите од снег тој најави дека ќе се ангажира и дополнителна механизација од јавните претријатија.
На политичките опоненти им порача да си ја гледаат својата работа и да се сконцентрираат на решавање на проблемите со невремето во во општините каде тие се на власт и на државните патишта каде владее вистински хаос.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk