Дамјановски: МВР да даде објаснување за блокираните улици

15.05.2015 11:28 | KumanovoNews

Градоначалникот Зоран Дамјановски денеска на прес-конференција ги повика надлежните од Министерството за внатрешни работи, да дадат информација на јавноста зошто се блокирани улиците “Тодор Велков“ и “11 Октомври“.

Дамјановски: МВР да даде објаснување за блокираните улици

Дамјановски рече дека контактирале со МВР,  од каде им кажале дека ова се прави од безбедносни причини за заштита на институциите.

“Во секој случај се чувствува голема вознемиреност на населението. Се земаат деца од градинки, луѓето ги повлекуваат децата од помала возраст од училиштата. Се тоа дава една слика на вознемиреност и очекување на некаков борбен чин или некаква акција. Затоа ги замолувам претставниците на МВР, да што поскоро излезат со информација кон јавноста македонска, а и пред се кумановската јавност за блокирање на овие улици. Нешто чудно се случува. По завршување на борбените дејствија, ние имавме комплетно отварање на градот, немавме блокада на улиците, а денеска имаме блокади на две улици“ - изјави Дамјановски.

Градоначалникот потврди дека постојано е во контакт со своите коалициони партнери во Советот, од албанскиот блок, но засега нема веродостојни информации дали безбедноста во градот е нарушена.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk