Давид Стојановски, моден креатор: Сакам кумановки да екпериментираат со модата и да ја покажат својата убавина (видео)

27.11.2021 17:30 | KumanovoNews

Да се биде моден креатор најважно е да се има желба за учење, за грабење на нови знаења и искуства, да се биде упорен и да се истражува, што води до поубав и пософистициран, а во крајна линија и исчистен дизајн, каков што се бара на пазарот, вели 25-годишниот Давид Стојановски, моден креатор од Куманово, кој допрва зачекорува во светот на модата.

Давид Стојановски, моден креатор: Сакам кумановки да екпериментираат со модата и да ја покажат својата убавина (видео)

Неодамна, Стојановски ја имаше својата прва самостојна модна ревија во Центарот за култура во Куманово, по повод 40-годишното постоење на оваа културна установа. Неговата ревија, која не беше класична, туку претставуваше своевиден моден перформанс, предизвика голем интерес кај кумановската публика и наиде на позитивни критики.

Младиот Давид има завршено магистерски студии по моден дизајн во Бугарија и досега учествувал на повеќе групни модни ревии, но е горд што својата прва самостојна ревија ја реализирал во родниот град.

„Претставувањето пред своите сограѓани, а особено со прва самостојна ревија, е најголемиот товар што го носиме со себе, најголем страв, но во исто време и најголем предизвик. Модните случувања недостасуваат во Куманово и сакав да го акцентирам овој момент“, објаснува Стојановски.

Неговата колекција ја рефлектира реалноста, она што секојдневно се случува со екологијата и свеста кај луѓето, а на некој начин претставува контраст помеѓу потребите и исцрпувањето на ресурсите, односно нивното прекумерно конзумирање.

„Колекцијата е авторски принт на вода и оган, а од друга страна е збогатена со разновидни рачни изработки и стари техники на боење на материјалите, како и таписеријата. Се работи за една фина и исчистена линија, каде најголем акцент е ставен на наслојувањето на контрастните парчиња облека. Ова е колекција за претстојната сезона есен-зима во која мислам дека секој може да се пронајде“, посочува Стојановски.

Иако млад, тој е свесен дека патот на модата е трнлив и дека тешко се стигнува до публиката и до клиенти, но вели дека професијата е нешто што човекот го носи во себе од раѓање и настојува да се пронајде онаму каде што најдобро се чувствува. Токму, поради предизвиците со кои се соочуваат модните автори во Македонија, и тој, како и останатите главно е насочен во креирање на женска облека.

„Балканот е тежок за работа, така што сметам дека секој од дизајнерите може повеќе да се развива на полето на женската мода. Кај машкот свет постојат строги правила и тие не се доволно подготвени да експериментираат и да отстапат од нив. А, кога говориме за женската мода, постојат луѓе кои се подготвени и сакаат да инвестираат во уникатно парче облека што ќе го имаат само за себе“, појаснува младиот креатор.

Создавањето на моделите за него е процес, што го исполнува и нема посебен „фетиш“, кон одредено парче облека, но кога би морал да издвои, тое би биле костумите.

„Конкретно, најмногу сакам да работам и да се фокусирам на костумите, поточно сакоата, затоа што со нив имам најмногу можност за разработка и експериментирање“, ни открива Стојановски.

Тој смета дека кај нас не може да се говори за висока мода, бидејќи тоа е посебна гранка од модната индустрија во која се работи со посебни материјали,  посебен начин на изработка, а особено посебен начин на претставување.

Истовремено, вели, дека за високата мода во нашата земја се уште нема пазар, односно клиенти кои ќе ја следат и консумираат. Од овие причини, и тој мора да подлегнува на компромиси и понекогаш да работи на производи наменети за широка потрошувачка.

„Преферирам уникатни парчиња облека и уникатна мода, кои клиентите ќе ги имаат само за себе. Но, во некои случаи се посакува и се бара од нас да отстапиме од својата работа и да пристапиме кон она што е во тренд, што е индустриска мода“, вели Давид.

Токму таквите трендови, како што појаснува Стојановски, довеле и до нарушување на модниот стил на кумановки, кои до пред неколку години биле модерни жени. Тој им порачува повеќе да експериментираат и да ја покажат својата убавина.

„Кумановки подлегнаа на светскиот тренд на навлегување на спортскиот стил и спортската облека во трендовите во секојдневието, со цел да се наруши кодексот на облекување во најразличните сфери на општеството. Беа модерни,
но денес им недостасува желбата за експериментирање и покажување на убавото“, смета Давид.

Нема омилен дизајнер, затоа што, како што вели, модата како социо-културен феномен, зависи од многу фактори и секаде се развива различно.

„Во Италија е тој парти стил, Франција го бара чистото, префинетото, веќе Холандија и Данска преферираат нешто многу поразлично, што критичарите дури го нарекуваат грдо. Затоа, не можам да издвојам одреден дизајнер. Ги почитувам сите, затоа што сите создаваме и се бориме за иста цел-светот да изгледа малку поубаво“, објаснува Стојановски.

Сопствениот уникатен стил на облекување го носи со задоволство и вели дека и блиските, и луѓето кои не го познаваат, го прифаќаат и го почитуваат тоа, иако можеби не ги го облекле истото.

„Реакциите се различни. Немам страв, не се плашам да се облекувам поразлично и да го носам тоа што сметам дека е модерно или ми прилега. Поддршка имам секако од луѓето кои се околу мене, па дури и од луѓето кои не ме познаваат, спремни се да дадат пофален збор, па дури и да немаат желба да го пробаат истото“.

Давид има многу планови и желби за својата иднина и градењето на кариера, но во моментов, поради светската пандемија, тие се ставени под знак прашалник. Сепак, вели дека нема да испушти ниту една можност и предизвик за да успее во светот на модата, но и дека никогаш нема да и остане должен на кумановската и на македонската публика.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk