Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Деца од различни националности вчера беа на заедничка прослава на Св.Сава во основното училиште “Светозар Марковиќ“ во селото Старо Нагоричане.
Прославата е во рамки на проектот “Безбедни училишта“ кој го реализира отсек за превенција при СВР Куманово заедно со училиштата, а со поддршка на ОБСЕ. По повод празникот се одржа приредба, а присутните се запознаа со ликот и делото на Свети Сава.
“Присутни беа деца од училиштата каде настава се изведува на македонски и албански јазик. За нив ова беше нешто ново, им беше интересно. Целта е да се запознаат другите култури и обичаи, за да имаат подобра комуникaција од иднина“ - рече Виолета Богдановска, од отсекот за превенција.
Учениците ја посетија и црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане.
“Ние секоја година традиционално го одбележуваме празникот и го сметаме за училишна слава, но прв пат бевме домаќини на една ваква прослава“ - изјави Даниела Станковска, директорка на “Светозар Марковиќ“.
Празникот Свети Сава вчера го прославија и учениците во подрачното училиште „11 Октомври„ во селото Речица, кои посетуваат факултативна настава на српски јазик, преку проект на Културно-информативниот центар Спона. На децата им беа поделени пригодни подароци и пакетчиња.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk