Децата и наставниците од „Крсте Мисирков“ на час без мобилни

29.01.2020 13:22 | KumanovoNews

Во Основното училиште „Крсте Мисирков“ од Куманово, од денеска учениците и  наставниците, не можат да користат мобилни телефони додека се на настава.

Децата и наставниците од „Крсте Мисирков“ на час без мобилни

Одлуката е донесена согласно со Кодексот на однесување на училиштето, а едногласно подржана од родителите, со цел за непречено одвивање на наставата.

Мобилните телефони учениците ги оставаат во специјално изработена поставка во централната зграда на училиштето за предметна настава, а во наредниот период ќе се постават и во училниците за одделенската настава.

Директорот Александар Јовановиќ, смета дека оваа мерка ќе придонесе за поквалитетно реализирање на наставата и вели дека не станува збор за забрана, затоа што учениците телефоните ќе моижат да ги користат за време на одморите, а и за време на наставата кога ќе им бидат потребни, во согласност со нивните наставници.

 - Идејата беше на наставниците и родителите. Ако го следиме трендот и на поразвиените земји, тие се со ист став-телефоните да не се користат за време на наставата. Сведоци сме дека овие паметни телефони се доста злоупотребувани, а воедно и им го одвлекуваат вниманието на учениците. Дежурните ученици се должни да водат ред и да ги поделат на ученицитре нивните телефони по завршување на часот,-вели директорот Јовановиќ.

Тој додава дека немаат проблем и учениците ја прифаќаат одлуката.

Од наодамна, исто така ваква мерка беше спроведена и во основните училишта во Општина „Ѓорче Петров“ во Скопје.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk