Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сакавме да воспоставиме локација за творештво на младите уметници, налик на МКЦ од Скопје и да покажеме дека тие можат да создаваат дела кои на некој начин ќе бидат корисни и интересни за сите, вели Дејан Ѓорѓиевски, претседателот на здружението за рурален развој од Куманово „ЛАГ АБЕР 2015“, кое од неодамна го заврши прокетот „На патот“.
Во рамките на проектот „На патот“ беше поставени скулптурата „Кавалџија“ на Горан Стаменков на плоштадот во Старо Нагоричино, делата „Козјак“ и „Пингвини“ на ѕидот на ОУ „Крсте Мисирков“ изработени од Дејан Божиновски-Коска, „Весела станица“ на Дејвид Стоилковски во Општина Старо Нагоричино, „Улица на виножитото“ од Валентина Илијевска која го разбива кумановското сивило и ја потенцира потребата за заштита на драдското зеленило, додека уметничките библборди направени за неколку рурални туристички места ја потенцираат потребата од потесна соработка меѓу бизнис заедницата и уметниците.
Дејан Ѓорѓиевски, вели дека е презадоволен од инвентивноста на уметниците, но смета дека веќе е време, ваквите проекти да не се финансираат само преку европските програми туку треба да ги спроведе државата.
Најпрво, од каде потекна идејата за отпочнување на проектот „На патот“ и зошто баш таков наслов?
Идејата за вакво нешто веројатно потекнува уште од средношколските денови, но секако дека конечниот облик го доби во последните неколку години. Најголем впечаток при посетите на неколку европски метрополи ми остави токму т.н „public art” или уметност на отворено, па сакав да дадам свој придонес во промовирањето на овој уметнички израз и кај нас. Заедно со координаторот на проектот – познатиот уметник Мирослав Величковски ги дадовме основните точки по кои требаше да се развива идејата. Се пријавивме на повикот на Амбасадата на Швајцарија за поддршка на уметниците, а бидејќи сме здружение за рурален развој, моравме концептот на проектот да го прилагодиме кон нашата стратегија. Затоа и се ориентиравме кон активности во руралните средини, или пак кон активности кои го потенцираат нивното значење преку природното и културното наследство. Оттука е и насловот „На патот“, затоа што сите активности се изведени покрај патиштата кои водат кон нив, или пак самите дела го „покажуваат“ патот по кој ние треба да се движиме за да ги сочуваме природните убавини на регионот. Секако дека и истоимениот роман на Џек Керуак имаше големо влијание при одбирањето на насловот на проектот.
Што сe се` спроведе во рамките на овој проект и дали Вие сте задоволни од сработеното?
Во текот на целиот проект уметниците се собираа во просториите на проектната канцеларија. Таму, освен дружењето, тие разменуваа идеи и ги користеа капацитетите на канцеларијата за своето творештво. Ние им обезбедивме простор и материјали за работа, без да ги задолжиме на било кој начин кај нас. Од друга страна, уметниците ни се оддолжија, на тој начин што направија на различни локации пет уметнички дела за потребите на проектот, а за тоа беа и финансиски наградени. Целта ни беше токму тоа – да воспоставиме локација за творештво на младите уметници, налик на МКЦ од Скопје и да покажеме дека тие можат да создаваат дела кои на некој начин ќе бидат корисни и интересни за сите. Презадоволен сум од инвентивноста на уметниците и нивните идеи кои ни ги презентираа, а жалам што беше само едногодишен проект.
Каков импакт има самиот проект врз граѓаните на Куманово?
Искрено, не знам. Проектот е регионален, не е само за Куманово, а од она што стигнуваше до нас како информација, е дека луѓето се задоволни што воопшто нешто се работи во поглед на разубавувањето на нивната околина. Но, доколку на овој начин успеавме да им укажеме на креаторите на културните политики, регионални и централни, дека уметноста може да биде насекаде околу нас и да се смести во најразлични контексти, тогаш импактот е постигнат.
Дали сметате дека со Вашето дејствување ја поттикнавте бизнис заедницата и локалната власт да даде поддршка и да го искористи креативниот потенцијал на уметниците?
Анимирањето на бизнисмените беше далеку полесно – голем дел од нив веќе користат услуги од уметниците, најмногу од графичките дизајнери, но и за уредување на ентериерот, а неретко и се интересираат да купат готови уметнички дела. Што се однесува до локалните власти, работата е поинаква – со некои општини имавме извонредна соработка, дури и директни контакти со градоначалниците, додека кај други соработката зависеше од самите секторски раководители, и тука имаме поделени искуства. Имавме можност за изработка на уште едно или две дела, но не добивме одобрение (всушност не добивме никаков одговор) од надлежните фактори. Сепак, се надевам дека нашата идеја ќе се надогради институционално, односно дека овој начин на функционирање на уметниците ќе се субвенционира преку проекти кои секој може да ги поднесе. Верувам дека такви услови може да овозможи и општина Куманово, затоа што ги знам потребните финансии за такво нешто на годишно ниво. Еден фестивал за ѕидно творештво, на пример, би бил идеален во таа насока. Нема да ги споменувам примерите на големите градови, каде што постојат цели фондации за овој вид на творење, но мислам дека и локалните и државните конкурси за култура треба да претрпат огромни измени, да се вреднува квалитетот, наспроти квантитетот во поглед на одобрените проекти.
Вие исто така како дел од невладината организација „ЛАГ АБЕР 2015“ сте дел и од уредувањето на локалитетот околу Кокино, што опфаќа истиот проект и дали во иднина би барале уште начини и средства за да се зачува овој локалитет кој беше валоризиран на светско ниво?
Кокино полека станува рана на нашиот регион. Од целосно изработен акциски план за комплетно уредување на локалитетот и веќе преземени почетни мерки за негова реализација од пред четири години, сe уште немаме ништо видливо инвестирано таму. Односно, местото е целосно истражено од археолозите, но многу малку е инвестирано во инфраструктурата. Знаејќи дека археологот Јовица Станковски уште од 2001 година, а особено од 2007 се залагаше за неговото афирмирање, реалната ситуација на терен е навистина разочарувачка. Јас, благодарение на Станковски, бев запознаен уште од студентските денови за потенцијалите на Кокино и предложениот проект го направив во координација со сегашниот директор на институцијата каде што работам – г. Богдан Таневски, кој ми даде огромна подршка во тој контекст. Се јавивме на повикот на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство распишан за ЛАГ-овите, каде изработивме проект за оградување на земјиштето кое е во државна сопственост, односно во владение на НУ Музеј Куманово, како и за уредување на место за одмор за посетителите. Преку Амбасадата на Франција пак, добивме средства за подобрување на туристичката понуда – изработка на сајт, инфотабли и патоказни табли за локалитетот. За оваа година и нашиот музеј има добиено средства за одржување, па можеме да кажеме дека ја ревитализираме идејата за уредување на Кокино. Сепак, главните активности треба да бидат содржани во некој капитален, државен проект, каков што впрочем и постои во некоја фиока во Министерството за култура и се надевам дека ќе успееме да се избориме за такво нешто, иако таа надеж е стара скоро дваесет години. Главниот проблем претставува земјиштето - она што е во државна сопственост е заштитено со забрана за секакви градби, додека местата каде што може да се интервенира и да се изгради туристичката инфраструктура се во приватна сопственост.
Меѓутоа, Вашите симболични наслови секогаш будат интерес, па така Вие бевте и дел од проектот „Враќање дома“ во кој станува збор за дисперзирање на културните содржини во локална и рурална средина. Што сe беше опфатено со овој проект и дали ја постигнавте целта која ја поставивте?
Идејата беше културата да се врати дома – затоа што скоро целокупното културно наследство на кумановскиот крај доаѓа од селата, а не од градот. Заедно со Драгана Спасковска од Уметничката галерија направивме изложба на слики во Пелинце, но не поканивме никој од „вообичаените“ посетители – напротив, поканата важеше за жителите на околните села. Ефектот беше прекрасен, имаше баби и дедовци кои за првпат во својот живот доаѓаат на изложба! Беа присутни и ученици, и родители, најголемиот број од нив дотогаш не посетиле ваков настан. Беше јасно дека руралните средини останале неразвиени, но не поради човечкиот потенцијал кој го имаат, туку поради лошите инвестициски политики половина век наназад...
Какви се плановите на„ЛАР АБЕР 2015“ за во иднина?
Моментално, ги следиме случувањата околу програмите за руралниот развој и конкретно, повиците што се однесуваат само за нас – Локалните акциски групи. Но, сето тоа се одвива неверојатно бавно, не знам кога како држава ќе станеме подготвени за примена на европските програми од овој тип, чиишто главни носители се токму ЛАГ-овите. Ние сме создадени од проект на Швајцарската амбасада и УСАИД, и сe уште ја користиме нивната наклонетост кон нас, но време е конечно да застанеме на свои нозе, главно преку европските програми кои треба да ги спроведе државата. Верувам дека заедно со СИПР и Фондацијата за развој на малите и средните претпријатија од Куманово можеме да постигнеме огромни резултати во руралните политики во регионот.
Во какво Куманово Вие сакате да живеете?
Одговорите на ова прашање дадени од моите сограѓани во претходните ваши интервјуа ги ставаат во состојба на тревога „департизираните“ административци, а јас самиот немам профили на социјалните мрежи и затоа ќе се обидам да ги поштедам од „спонтаните“ copy-paste коментари, за доброто на сите. Но, ако кумановци самите сфатат дека асфалтираната улица или тротоар е нешто што им СЛЕДУВА како граѓани, а не е награда за даден глас на избори, тогаш Куманово ќе го добие ликот кој сите ние, вклучително и јас, го сакаме. Со други зборови, општеството може да се преобрази само доколку сите ние ги присилиме политичките елити да се борат да добијат гласови како награда за сработеното, наместо да се борат да вработуваат членови кои потоа безусловно ги поддржуваат. Ваквото размислување го делам со луѓе кои припаѓаат на разни партии, но за жал, сe уште претставуваат малцинство во раководните органи. Односно, пак ќе повторам, доколку се протежира квалитетот наспроти квантитетот, Куманово ќе стане убаво место за живеење.
(Фросина Марковска)
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk