Денеска гласаат болни и немоќни, лицата во изолација, затворениците и притворените

16.10.2021 06:53 | Сузана Николиќ

Во текот на денешниот ден ќе гласаат болните и изнемоштени лица, како и ковид-позитивните граѓани и осудените лица низ целата држава.

Денеска гласаат болни и немоќни, лицата во изолација, затворениците и притворените

Лицата кои се на издржување мерка куќен притвор ќе гласаат во местото каде ја издржуваат мерката, внатрешно раселените лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде се сместени.

Еден ден пред денот определен за одржување на изборите гласаат и лицата кои се згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа. Тие ќе гласаат во установата каде се згрижени.

Во Куманово се пријавени да гласаат 109 болни и изнемоштени граѓани и 49 позитивни на коронавирусот, кои што се во изолација.

Правото на глас денеска можат да го остварат и 38 осуденици во КПУ „Затвор Куманово“ во селото К’шање.

Куманово е најголемата општина во државата и според податоците на Избирачкиот список, право на глас на овие избори ќе имаат вкупно 93.986 гласачи. Гласањето ќе се одвива на 167 избирачки места.

Гласачите во Куманово на гласачкото ливче за градоначалник ќе имаат пет кандидати и 13 советнички листи.

Утре, на денот на изборите, гласањето ќе почне во 7.00 часот, а ќе трае до 19.00 часот.

Ова се седми локални избори и се избираат градоначалници и советници во 80 општини и Град Скопје. Граѓаните ќе избираат меѓу 299 кандидати за градоначалници и 572 кандидатски листи за членови на општинските совети со вкупно 10.532 кандидати. Право на глас имаат 1.824.864 граѓани запишани во Избирачкиот список.

На овие локални избори првпат се воведува уредот за биометриска идентификација на гласачите во постапката на гласање. Според ДИК, тоа треба да ги унапреди изборите во целост и да се обезбеди еднаквост на гласачите врз основа на принципот еден гласач-еден глас.

Поради пандемијата со коронавирусот, гласањето и на овие избори, како и на претходните, ќе се одвива според безбедносни протоколи за заштита на здравјето на граѓаните.

Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од локалните избори добиени по електронски пат од општинските изборни комисии ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk