Денеска се слави Свети Никола

19.12.2010 09:47 | KumanovoNews

 Православните христијани денеска го празнуваат Свети Никола Чудотворец, светецот заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците...

Денеска се слави Свети Никола

Свети Никола е еден од најпочитуваните светци, a го слават и православните и католиците, но и дел од муслиманите, особено во Турција. Во Македонија  има многу цркви и манастири кои се посветени на овој светец.

Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски се смета за заштитник на морињата. На христијанските бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето.

Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многу пати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите. Во Германија, Холандија и Белгија се празнува како детски празник кога децата добиваат разни поклони во зависност од тоа кој колку бил послушен во текот на изминатата година. Во православната црква е еден од најголемите и најпочитуваните светци.

Во христијанскиот календар, свети Никола се слави на 6 декември според стариот календар и на 19 според новиот. Бидејќи е во време на божиќните пости, се слави со посна храна.

Во Куманово најстарата црква во градот го носи името на Свети Никола, и денеска ќе се служи свечена литургија. Најголем дел од православните верници во Куманово го слават овој празник како домашна слава.

Многу  семејства со богата посна трпеза на која преовладуваат рибата и посните сарми ќе го прослават празникот. Свeти Никола се поистоветува и со најомилениот лик во светот на децата популарниот Дедо Мраз. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk