Денот помина во знакот на поезијата

21.03.2015 14:28 | KumanovoNews

Во просториите на Гимназијата “Гоце Делчев“, триесетина ученици и неколку поети читаа поезија по повод 21 март-Светскиот ден на поезијата.

Денот помина во знакот на поезијата

Поетското читање го организираше Друштвото на писатели Куманово, со цел да ги поттикне младите повеќе да читаат, да пишуваат и да го негуваат македонскиот јазик. Претседателката Божана Трајковска рече дека се отворени за нови луѓе кои ја сакаат поезијата и творат.

Поезијата според мене е душата на човекот. Дали е тоа љубов, копнеж, пркос, револт или тага, поетот ги искажува своите чувства преку поезијата, со цел и другите тоа да го доживеат преку одредена песна. Ова е светско поетско дружење. УНЕСКО одлучи 21 март да биде Светски ден на поезијата, бидејќи претходно таа беше малку подзаборавена. Преку поезијата луѓето од различни мередијани се дружат, се запознаваат, творат - кажа Трајковска.

Со свои лични творби се претставија ученици од основните и средните училишта во градот. За нив пишувањето поезија е хоби со кое си го исполнуваат слободното време.

Пишувам веќе три години. Покажав интерес во осмо одделение кога имавме литературни читања. Оттогаш почнав поинтензивно да пишувам. Во моите песни пишувам за животот, љубовта, општи теми. Поезијата ме исполнува, ја сфатив како дел од мојот живот. Во неа се пронаоѓам. Ги искажувам преку неа чувствата, кои усно не би ги кажала - рече Андријана Ѓорѓевска, ученичка во “Перо Наков“.

Друштвото на писатели Куманово со години го одбележува Светскиот ден на поезијата, а истиот со поетски читања се одбележува во повеќе градови во земјава и ширум светот.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk