Денови на уметноста во Градскиот музеј од Крива Паланка

16.05.2023 12:46 | Жаклина Цветковска

Градскиот музеј  од  Крива Паланка започна со реализација на проектот „Денови на уметноста 2023“, со цел да ја промовира и афирмира ликовната уметност, но и да се едуцираат младите од општината.

 

Денови на уметноста во Градскиот музеј од Крива Паланка

Во рамките на проектот ќе се спроведат  три повеќедневни уметнички работилници од областа на графиката,вајарството и сликарството, водени од истакнати ментори-уметници од Крива Паланка.

 „Прва е графичката работилница, која ја водат двајца млади графичари од Крива Паланка, Стефан Младеновски, магистер по уметност и Стефан Јакимовски постдипломец и демонстратор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика. Започнуваме со графичка работилница од причина што оваа ликовна дисциплина е малку позната и слабо застапена. Првиот ден беше посветен на вовед во графиката,  денеска продолживме со изработување на линорези, а утре со техниката наречена „длабок печат“ или попозната како „сува игла“, вели Ѓорѓи Костовски, историчар на уметност од Градскиот музеј.

Скулптурската работилница, пак, е под менторство на академските вајарки Нела Јанковска и Анета Симоновска, и двете од Крива Паланка. Ќе се работи на моделирање на две различни теми и мотиви, додека  сликарската работилница ќе ја води  академскиот сликат Роберт Цветковски.

 Во едукативно-креативните работилници учествуваат ученици од СОУ „Ѓорче Петров“ и ООУ „Илинден“. Работилниците трајат по неколку дена, а делата од младите уметници, ќе бидат презентирани на  заедничка изложба.

Ваквиот вид на работилници за првпат се спроведуваат во општината и се од особено значење за организиран пристап и достапност на ликовната уметност до младите.

Сите создадени дела ќе влезат во постојаната збирка на Градската галерија при Музејот на Крива Паланка.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk