Деведесет домаќинства во Куманово ќе добијат по 25.000 денари субвенции за приклучок на гас

12.12.2023 11:03 | Оливера Пешевска

Објавен е списокот на граѓани на кои им е одобрено субвенционирањето на дел од трошоците за приклучување на гасоводната мрежа во Куманово, кои ги одобри Министерството за економија. На јавниот повик се пријавиле 90 домаќинства од Куманово и на сите им се одобрени по 25.000 денари. 

Деведесет домаќинства во Куманово ќе добијат по 25.000 денари субвенции за приклучок на гас

 „На сите пријавени лица им е одобрено барањето за субвенции, но искрено очекувавме поголема заинтересираност од граѓаните. Ова беше единствена можност за само 9.200 денари да се приклучат кон гасоводната мрежа, а да немаат никакви обврски кон ЈП „Куманово-гас“ доколку не го користат енергенсот.  Сепак имаме подобар одѕив, во Струмица се пријавени само две лица“, објасни директорот на ЈП „Куманово гас“ Марко Митровски.

Цената за приклучок на гасоводната мрежа во ЈП „Куманово гас“ за домаќинствата изнесува 49.200 денари. Општина Куманово субвенционира по 15 илјади денари, што заедно со оние 25 илјади од владата достигнуваа сума од 40 илјади од поединечен приклучок, кој го обезбедува државата и локалната самоуправа.

Мерката предвидуваше да се субвенционираат 400 семејства од Куманово и Струмица, што значи дека искористеноста е помалку од 25 насто.

Преку програмата за поттикнување на сигурноста во снабдувањето со природен гас во домаќинствата, предвидени се средства во вкупен износ од 10 милиони денари за надоместување на дел од трошоците за изработка на проектна документација за приклучок на системот за дистрибуција на природен гас и/или изведба на приклучок на системот за дистрибуција на природен гас на домаќинствата, на не повеќе од 25.000 денари по домаќинство во Струмица и Куманово.
Јавниот повик на Министерството за економија заврши на 31 октомври, општинскиот е сеуште активен и важи до крајот на годината. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk